2win800x200

Битолчанецот Горазд Коњановски еден од најмладите специјализанти по кардиохирургија во Македонија

Мај 18, 2023

За кардиохирургијата во Македонија, за младите специјализанти, за можностите во Македонија за развој на кардиохирургијата и професионален напредок но пред сѐ за односот кон пациентите но и односот кон младите лекари, во ова интервју зборува еден од најмладите специјализанти по кардиохирургија во Македонија Горазд Коњановски, битолчанец кој сега е дел од тимот на Клиничката болница Жан Митрев. Ви пренесуваме дел од интервјуто објавено на интернет страницата на клиниката. 

Вие сте еден од најмладите специјализанти по кардиохирургија во Македонија, што ве привлече кон ова поле од медицинска пракса?

Интересот кон кардиохирургијата го добив уште пред да знам што значи кардиохирургија. Колку и да звучи тоа неверојатно сепак случка од детството ми ја одреди денешната професија. Кога имав околу 7-8 години, мојот дедо, инаку офталмолог по професија, се оперираше во тогашната болница Филип Втори. Беше направена операција аорто-коронарен бајпас од страна на д-р Жан Митрев и после таа операција живееше уште долги 16 години. Кога се врати дома после операција, донесе видео касета со натпис „1000 операции на отворено срце во Република Македонија”. Од тој ден додека сите другарчиња гледаа цртани филмови, јас ја гледав таа касета, ги гледав тие операции и иако не разбирав ништо јас го гледав само тоа. Уште во тие години, во тие моменти, сум зборувал и сум кажувал дека кога ќе пораснам сакам да бидам доктор за срце како д-р Митрев. И тоа така остана врежано во мене, нејасно се разви љубовта и интересот кон кардиохирургијата и никогаш не замре. Кога бев 8-мо одделение имав огромна желба да се видам со д-р Митрев, и тоа се случи, ми се оствари таа желба, нѐ прими и му кажав дека еден ден сакам да бидам како него и го прашав за совет што треба да направам за да бидам како вас, а на тоа ми одговори – Учи и слушај си го срцето. Јас тоа го направив, не се откажав од желбата во ниту еден момент, па еве денес го живеам мојот сон. Сега сум специјализант по кардиохирургија под менторство на академик д-р Жан Митрев при клиничката болница Жан Митрев.

Како гледате на кардиохирургијата? Што е потребно да се направи за кардиохирургијата да се развива и во Македонија?

Кардиохирургијата е гранка за која се зборува во медицинските кругови дека е во изумирање, а без неа всушност ништо не може. Ние секојдневно се среќаваме со разни случаи каде оперативниот третман е неминовен. Точно дека интервентната кардиологија е во подем но е далеку од тоа да може да го замени оперативниот третман. Сме имале доста случаи каде сме морале итно да реагираме поради одредени интервентни постапки или слично. Затоа, иако навидум изгледа поедноставно, или помалку опасно, некогаш оперативниот третман е далеку посигурен и помалку ризичен отколку интервентниот пристап. Ова го кажувам бидејќи пациентот е секогаш на прво место. Кога се работи за вакви сериозни работи треба широка опсервација и неминовна е консултацијата со кардиохирург. Во Македонија кардиохирургијата се развива интензивно во последните 20 години. Нашата клиника одигра клучна улога во поставувањето на темелите во кардиохирургијата и тие напори се препознаени, почитувани и вреднувани и надвор од границите на нашата држава. Дефинитивно, ние како држава имаме врвна, светски призната, кардио специјализирана здравствена институција и се надевам дека во иднина здравствениот систем во нашата држава уште посилно ќе ги користи можностите за развој на оваа гранка преку научната и едукативна сила која може да ја понудиме.

Kакви се можностите за напредок на младите специјализанти во Македонија, што е потребно за да останете да работите тука во Македонија?

Пред се треба да си ја сакате држава и да сакате вашиот труд да го вложите тука. Во медицината ако на прво место не ви е пациентот или ако ја немате таа емпатија кон него, сте ја згрешиле професијата. Генерално за напредок на младите специјализанти, зборувам пред се за во јавното здравство бидејќи таму се присутни во најголем број, и таму мора многу работи да се променат од корен. Мора младите лекари да бидат почитувани од здравствените власти, нивниот труд да биде вреднуван и да добијат вистинска шанса да го работаат она што го сакаат. Ете, зарем не се скромни барањата на младите лекари за да останат да работаат и творат во својата држава. Токму затоа јас останав во Македонија, бидејќи во клиниката во која работам јас тоа го добив..

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани