2win800x200

Сaра Петковска од Техничкиот факултет во Битола eдна од 12. најуспешни дипломирани инженери во државата

Јуни 26, 2023

Дипломиран инженер по безбедност и здравје при работа на Техничкиот факултет во Битола, прогласена за студент на генерацијата. Сепак, ниедна институција не ја контактирала за работа иако испратила 45 сивија низ цела Македонија, објави Факултети.мк 

„All the hustle, late nights, missed parties, early mornings will be worth it (Сиот метеж, доцните ноќи, пропуштените забави, раните утра ќе вредат)“ е мислата што низ студирањето ја водеше Сара Петковска, една од 12. најуспешни дипломирани инженери во државата што годинава на 20. јубилејна церемонија го добија високото признание „Инженерски прстен“ од претседателот Стево Пендаровски. Таа заврши Технички факултет во Битола, машински отсек, насока безбедност и здравје при работа со желба да придонесе за подобрување на условите и безбедноста во работата. Студиите ги заврши во рекордно време, со просек 9,38 и планира да се запише на постдипломски студии.

Големи вложувања и надежи во студирањето


- Ако студирањето го сфатиме како предизвик и се вложиме максимално за да го оствариме, резултатите се неминовни, а успехот загарантиран. За најсреќен момент во текот на студиите би го издвоила денот кога ме прогласија за најдобар студент на генерацијата на Техничкиот факултет. Неубави спомени немам бидејќи професорите и целиот персонал на Технички факултет се трудеа да ни овозможат речиси идеални услови за студирање, а на нас, студентите, остануваше само да го искористиме тоа и да го преточиме во успех. Исто така, сакам да ја потенцирам меѓусебната соработка со колегите која е многу значајна во соочувањето со академските предизвици - вели Петковска.
 


Да се постигне толку висок просек на технички студии, не е едноставна работа. Бара голем труд и, како што кажува Сара, жртвувања, па морала да излезе од комфор-зоната и да се фокусира на учењето. Но, секој слободен момент го користела за дружење и патувања.

Би заминала во странство само доколку не успее да се реализира во сопствената земја


Многу од нејзините врсници одлучуваат студирањето да го продолжат во странство. Но, и покрај таквата можност, Сара одлучила да остане да студира дома зашто смета дека нашите универзитети сѐ уште имаат доста квалитетен наставен кадар од кој студентите имаат што да научат.

Признанието „Инженерски прстен“, кое традиционално им се доделува на најдобрите студенти на инженерските факултети во земјава, ѝ даде поттик да се запише на магистерски студии.

- Можноста за заминување во странство би била добра идеја ако не успеам да се реализирам во сопствената земја. Моите планови се прво впуштање во практичниот дел, односно вработување, а подоцна продолжување кон наредни степени на образование - вели Сара.
 


Ѝ кажале дека овие кадри им се потребни на државата, но не ја контактирале за работа

Ја прашавме колку се вреднува квалитетот во нашата држава и дали најдобро дипломираните студенти добиваат можност за понатамошен развој и вработување?

- За жал, не наидовме ни на малку заинтересираност за да се најдат соодветни работни позиции за нас како највисоко рангирани студенти кои, според мене, вреди да останеме во државата. При доделувањето на наградите, како во Битола од страна на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ така и во Скопје од страна на Инженерската институција и Комората на овластени архитекти и инженери, под покровителство на претседателот Пендаровски, од страна на организаторите беше потенцирано дека ние како кадар ѝ сме потребни на државата, но до ден-денес ниедна институција или организација не ме има контактирано и покрај тоа што испратив над 45 сивија низ цела Македонија - искрена е Петковска.

Како млад дипломец, прво што би променила во Македонија во рамките на мојата професија е Законот за полагање стручен испит за безбедност и здравје при работа. Во него еден од условите што ги обврзува лицата што имаат потреба да положат стручен испит е да имаат најмалку пет години работно искуство по дипломирањето, во соодветната област. А токму стручниот испит се бара при вработувањето во сите огласи. Според тоа, доколку го немаат, односно не поминале пет години искуство, не можат ни да се вработат, без разлика колку и да биле успешни во студирањето.

Ако мажите се најдобри готвачи, тогаш зошто жените да не се на врвот во инженерството?

Сѐ повеќе расте бројот на жени инженери во техничките струки, кои до пред неколку децении се сметаа за машки дисциплини. Петковска апсолутно не се согласува со полова поделба во која било професија во 21 век, каде што предрасудите не треба да влијаат врз поделбата на професиите. Вели дека добар пример за тоа е што во најдобрите светски кујни најуспешни се мажите, па зошто тогаш да не може на највисокиот пиедестал во инженерството да биде жена?

 Извор: https://www.fakulteti.mk/news/26062023/sara-petkovska-dobitnichka-na-inzhenerski-prsten-nema-interes-da-se-najdat-rabotni-mesta-za-najvisoko-rangiranite-studenti

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани