АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
БИТОЛА – Европската делегација во Скопје дала согласност за изградба на велосипедски патеките во Битола во рамките на европскиот пограничен проект „Smart4you2“.
Оваа информација за „Независен“ ја потврдуваат од канцеларијата на Европската делегација во Скопје, откако противењата и кавгите во битолскиот Совет меѓу власта и опозицијата се прекршија и врз овој европски проект каде се вложуваат 400.000 евра пари на европските даночни обврзници.
Политичките копја се кршат на прашањето – дали да се реконструира објектот „Парк“, што е во целината на просторот на обновениот со европски пари Офицерскиот дом во Битола (како првичен проект) или да се изградат нови велосипедски патеки во должина од над 5 километри. СДСМ заедно со независните советници од „Поинаку“ и Левица ја тргнаа точката од дневен ред на последната седница во средата, додека ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше за кочење на европскиот проект.
Во писменото известување на Делегацијата на ЕУ од Скопје јасно стои дека првичниот проект за реконструкција на објектот „Парк“ е променет зашто еден од факторите е и глобалното поскапување на градежните материјали. Од тука ЕУ делегацијата по низа преговори го одобрила барањето на Општина Битола европските пари да се насочат во друг инфраструктурен проект, изградба на вело патеки.
„Проектот „Smart4you2“ е кофинансиран од грантови од Програмата на ЕУ за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија. Овој проект, првично потпишан во декември 2021 година, беше предмет на промени, кои беа договорени и финализирани во јули 2023 година. Тие беа неопходни со оглед на надворешните фактори, вклучително и глобалните зголемувања на цените, како и целокупниот напредок во спроведувањето на проектот.
Делегацијата на ЕУ, како Договорен орган, го одобри барањето за воспоставување велосипедски патеки по темелно испитување на оправданоста за таквите измени на првичниот проект и во согласност со правилата и процедурите кои ги регулираат таквите видови договори. Нормално, овие дејствија беа преземени во тесна соработка и по барање на општината како корисник.“, стои во одговорот на Европската делегација испратен до „Независен“.
Од Делегацијата во Скопје нагласуваат дека доцнењето на проектот може негативно да се одрази врз неговото спроведување за што последиците ќе ги почувствуваат и битолчани.
„Ажурираната акција предвидува изградба и достапност на велосипедски патеки во рок од 14 месеци (по завршување на тендерската постапка). Проектот завршува на 28.02.2025 година.
Секое доцнење во реализацијата на проектот може негативно да се одрази врз реализацијата на проектот и неговите потенцијални придобивки за локалните граѓани.“, се вели во одговорот на ЕУ Делегацијата во Скопје до „Независен“.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски образложува дека средствата од овој проект се предвидени за реконструкција на постојните тротоари со изградба на велосипедски патеки во должина од 5.280 метри, на улиците „Васко Карангелевски“ и „Партизанска“.
„Реконструкцијата ќе се изведе на веќе постојните тротоари, во ширина од 3 метри, без да се нарушува зелениот појас на улиците во насока на зачувување на животната средина. За овој проект веќе е изработена техничка документација, како и основен сообраќаен проект за воведување на велосипедски патеки во централно градско подрачје во Битола, со сите потребни одобренија. Да појаснам уште еднаш, дека до ова решение се дојде со целосна усогласеност на сите партнери во проектот, како и на Делегацијата на Европската Унија.“, рече Коњановски.
Веста за пролонгирањето на европскиот проект за изградба на вело патеки наиде на негативни рефлексии во битолската јавност, особено кај граѓански здруженија и иницијативи кои со години наназад бараат од локаните власти да се изгради велосипедска инфраструктура, оти како што велат има „нула километри во Битола“.
Граѓанските организации очекуваат пренамената на проектот да биде прифатена од битолските советници, а општината да го спроведи проектот на дело и тој да биде видлив без оправдување.
А. Блажевска