АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Интегрален текст од обраќањето на градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, на 30-тата седница на Советот на Oпштина Битола
Ви се обраќам со констатација дека од 11 јули до денес, не успеавме да ги надминеме личните ставови, суети, желби и да застанеме во интерес на граѓаните на општина Битола сите заедно. Од 11 јули до сега одржав неколку прес конференции, повикав на разумност во повеќе наврати, одржавме и координативна средба со претставниците на советничките групи, но до денес, нема конкретни резултати, а од страна на претседателката на Советот не е закажана седница, на која ќе биде поставен ребалансот на буџетот како точка на дневен ред.
Oд моја страна испочитуван е законскиот рок за советниците да имаат можност да го разгледаат предлог ребалансот, да дадат свои предлози или сугестии, со цел на крај да биде усвоен законски ребаланс кој одговара на реалните состојби, можности и потребите на битолчани. Исто така во овој предлог ребаланс на буџетот, се обидовме да ги вклопиме најголемиот број од предлог амандманите, дадени на последната седница, но структурирани во соодветна форма, која е во согласност со законот и нема да го попречи вчитувањето од страна на Министерството за финансии. Предлог ребалансот на буџетот, ја задржува основната форма на претходниот предлог и истиот е надополнет и со други капитални проекти, за кои имаме изготвена проектна документација и се дел од развојната програма и Програмата за уредување на градежно земјиште, додека за дел од проектите преку Програмата за економски развој се планира изработка или доизработка на проектна документација.
Во Советот често од говорницата бевме критикувани дека немаме капитални проекти. Но, бројките од вториот квартал, го докажуваат сосем спротивното. До 30 јуни се реализирани 29.18% од капиталните расходи, или 111.325.057,00 денари. Нашите анализи, направени за изминатите 6 години, говорат за одлична реализација за капиталните проекти во оваа година и во изминатата 2022 година.
Најголемиот дел од средствата се исплатени за изградба и реконструкција на улици и патишта, меѓу кои се улиците „Крушевска Република“, „Стара Чешма“, „16-та“,„7-ми јули“, „Наум Наумовски Борче“, „Довлеџик“, „Македонска фаланга“, „Зборска“, локалниот пат до с. Брусник, санација на коловоз со потпорен ѕид во Девеани и други. Се работеше на изградба и реконструкција на други објекти, односно изградба на детски парк и поставување на урбана опрема, стадионот под Тумбе кафе, санации на училишта, спортски игралишта, месни заедници, партерното уредување околу Офицерскиот дом. Во завршна фаза е проектот во населбата Недопирливи, каде што се изврши комплетна промена на водоводната и канализационата мрежа, по што следи асфалтирање и поставување на улично осветлување. Во тек е реконструкција на паркинг просторот кај Спортската сала „Боро Чурлевски“, како и адаптација и санација на спортската сала и комплетно реновирање на соблекувалните, за достојна презентација на нашиот ракометен претставник Еурофарм Пелистер во Лигата на шампиони.
Пред фаза на асфалтирање е мостот кај Довлеџик, а се работи и на Кружниот тек кај Ветеринарната станица. За новата зграда на Територијалната противпожарната единица се чека одобрување на основниот проект за градба, а во рамките на изработката на Генералниот урбанистички план, во моментов се изработуваат 8 студии. Пред отпочнување на изградба е колекторскиот систем и пречистителна станица во Националниот парк Пелистер, во вредност од 15.000.000 денари, проект кој се реализира во партнерство со Пелагонискиот плански регион. Во завршна фаза е дигитализацијата на услугите како приоритет кон граѓаните, со кој се овозможува значително олеснување на услугите и дополнителни можности за поголема ефективност и ефикасност на општинската администрација, преку систем за управување со документација (ДМС), геоинформациски систем (ГИС) и можност за електронско плаќање на услугите кои ги дава општината.
Кога сме кај капиталните проекти, предлог ребалансот на буџетот кој треба да го усвојат советниците, содржи надополнување со следните проекти:
- Изградба на влезот во Битола од страната на Охрид и дополнување на проектот за реконструкција на улица Довлеџик со кружен тек
- Реконструкција на влезот од Прилеп и реконструкција на улицата Владимир Назор
- Изградба на нова улица кај Дулие (каде што ќе се гради новиот маркет ЛИДЛ)
- Реконструкција на улица Булевар 1 мај (јужна страна од Црн мост до Бранко Радичевиќ)
- Доизградба на улицата СРУ 5, од која неодамна завршивме еден дел во должина од 180 метри, како и улицата СТУ 3
- Реконструкција на коловоз на улиците: Даме Груев, 7 ма бригада, Димитар Тодоровски, дел од улица Индустриска, дел од улица Никола Тесла, од улица Влатко Миленковски до Булевар 1 ви Мај, Гаврило Принцип, Леринска, улицa Буковски мост.
Исто така, ќе бидат обезбедени и финансиски средства и ќе се изготви проектна документација за реконструкција на јужната трибина на Стадионот Петар Милошевски, како и за изградба на спортски игралишта во ОУ Елпида Караманди.
Со овој предлог ребаланс, се предвидува и поддршка од 1.000.000 денари за женските спортски клубови, како и моите претходно дадени предлози, за поддршка на спортот, лицата со ретки болести, апликантите на повикот за клима уреди, активностите на ПСК Пелистер за реконструкција на Копанки и сите други проекти, кои се важни за Битола, а произлегуваат од потребите на битолчани.
Вложуваме и во училиштата, во тек се реконструкции во СОУ „Таки Даскало“ и во основните училишта „Д-р Трифун Пановски“ и „Елпида Караманди“. Добивме потврда за донација од кинеската амбасада, за поставување на фотоволтаици во подрачното училиште Даме Груев во с. Долно Оризари.
Пред Вас почитувани советници, денес е ставена на дневен ред и Одлуката за измена на одлуката за согласност и кофинансирање на проектот Smart4you2, а средствата се предвидени за Реконструкција на постоечки тротоари со изградба на велосипедски патеки во должина од 5280 метри. Со потпишувањето на анексот од страна на Делегацијата на Европската Унија, во кој се дозволува пренамена на средствата од проектот Smart4you2 за реконструкција на тротоарите на улиците „Васко Карангелевски“ и „Партизанска“, по што соодветно ќе се изведат и велосипедски патеки, Битола ќе добие велосипедски дел во должина од над 5 километри, со една заокружена велосипедска целина. Реконструкцијата ќе се изведе на веќе постоечките тротоари, во ширина од 3 метри, без да се нарушува зелениот појас на улиците.
Напоменувам, зелениот појас на двете улици и постоечките дрвја, нема да бидат загрозени со овој проект, во насока на зачувување на животната средина. За овој проект веќе е изработена техничка документација, како и основен сообраќаен проект за воведување на велосипедски патеки во централно градско подрачје во Битола, со сите потребни одобренија. Да појаснам уште еднаш, дека до ова решение се дојде со целосна усогласеност на сите партнери во проектот, како и на Делегацијата на Европската Унија. Првичната намена беше реконструкцијата на објектот Парк, но поради инфлациите и состојбата со Ковид кризата, вредноста за реконструкција двојно се зголеми, што беше пречка за реализација на проектот и во рамките на ЕУ и кај општините партнери во проектот. Затоа се побараа соодветни решенија, кои беа понудени како замена за објектот Парк. Од наша страна беа предложени партерното уредување на Офицерскиот дом, кое веќе се реализира со општински средства, како и санацијата на постоечките тротоари на улиците Васко Карангелевски и Партизанска, со поставување на велосипедски патеки. Од страна на Делегацијата на ЕУ, беше избран проектот за санација на тротоарите и поставување на велосипедски патеки. За овој проект, службите во општина Битола стојат на располагање за секеков вид на објаснување.
Во текот на вчерашниот ден, координаторите на советничките групи се одзваа на мојот повик и заеднички одржавме состанок, на кој имавме конструктивни разговори и доколку има политичка волја, заеднички можеме да успееме во напорите да се изнајде решение за оформување на законски прифатлив буџет, кој ќе биде вчитан од страна на Министерството за финансии.
И на крајот, кратко ќе се осврнам на Вашата омилена тема за критика упатена до мене и моите соработници – културата. Деновиве навистина се надминавте себе си во конструктивноста, која, за жал, ја насочивте во погрешен правец. Прочитавме и слушнавме секакви обвинувања, во голема мерка лажни, кои не ја доловуваат ни одблиску вистината за реализацијата на буџетот за култура. Утринава, по објавувањето на листата на исплатени средства од буџетот за култура, се надевам дека увидовте каде се потрошени средствата, за кои културни настани и колку од тие настани со вистински пиетет го носат белегот на квалитетни културни настани. Предвидениот ребаланс, само ќе ги надополни квалитетните содржини, добиени по пат на еден поинаков, транспарентен начин, со јавен повик за доставување на предлог проекти за активности од областа на културата за 2023 година. Затоа, почитувани советници, доколку ги промените Вашите ставови и се изгласа предвидената сума со ребалансот, ќе бидат поддржани сите изведувачи од објавениот конкурс, а средствата се доволни за сите досега реализирани активности од конкурсот и за сите традиционални поддржани настани од општина Битола.
Често пати ова лето, од страна на нашите сограѓани, слушав коментари дека им недостига ланското културно лето, кога на Битфест имаше голем број културни настани и речиси секој културен објект беше исполнет со соодветна програма. Наспроти тоа, годинава, забележуваат граѓаните, доминираше турбо фолкот и тоа на градското шеталиште. Затоа, како градоначалник ќе се заложам, за општинските објекти кои се дадени под концесија, како што е Ракометното игралиште, да се најде компромис со лицата концесионери, кој вид на настани и во која форма може да се одржуваат тука, со единствена цел, турбо фолкот да не биде доминантна културна форма во летните месеци во Битола.
Почитувани, останувам како и досега со истата размисла и повторно, овде од говорницата, ќе упатам апел до сите советници, дека сум отворен за соработка, дека секој добронамерен и буџетски одржан предлог ќе биде земен во предвид со ребалансот, само со една и единствена цел, да не се блокира функционалноста на градот. На Битола и требаат разумни проекти, изгласани од мнозинството на советници, кои што ќе го препознаат квалитетот на проектите, во интерес на граѓаните на општина Битола.