Гордост ми е да ја претставувам Македонија во најдобро светло пред студентите надвор, вели Кристијан Велјановски, истражувач прогласен за талент на Факултетот за биотехнички науки при УКЛО

Декември 11, 2023

Во рамките на проектот „Идентификација и следење на талентирани и надарени студенти“, Битолскиот универзитет ги избра четворицата таленти: Тамара Тасеска од Економскиот факултет во Прилеп, Софи Гајтановска од Факултетот за информатички и комуникациски технологии, Кристијан Велјановски од Факултетот за биотехнички науки и Дејан Петровски од Педагошкиот факултет.

Уште студира, а веќе направи сериозни чекори во научните истражувања. Битолчанецот Кристијан Велјановски, студент од четврта година, е прогласен за талент на Факултетот за биотехнички науки при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола. Како млад научник беше вклучен во истражувањето на рибната популација во Белчишко Блато и охридскиот грунец, за што доби прва награда за најдобар студентски труд на Меѓународна студентска конференција во организација на Агрономскиот факултет во Чачак при Универзитетот во Крагуевац, Србија. Летната школа во Љубљана, Словенија, на која во септември годинава беше еден од двајцата претставници од Македонија, е само дел од неговото богато студентско портфолиоаа, објавува Факултети.мк 



Истражувањата на паразитеите кај охридскиот грунец укажаа на загадување на езерото

- Трудот во Чачак беше за паразитолошката состојба на охридскиот грунец. Беа пронајдени паразити во очите, перките, цревата и во жабрите. Овие паразити не се штетни за луѓето и со термичка обработка се уништуваат, но се штетни за рибната популација. Препорака е да се обрне внимание на еколошката состојба на Охридското Езеро зашто зголемената загаденост придонесува за зголемена паразитолошка состојба, што ѝ прави големи штети на рибната популација и може да се развијат и поголеми проблеми, како слепило, оштетување на респираторниот систем, па и смрт - вели Велјановски.
 
 

На конференцијата имаше силна конкуренција од 32 труда од учесници на многу држави, меѓу кои и Русија, Кина, Индија... Факултетот за биотехнички науки традиционално учествува на неа и ова беше првпат студент од ФБН да биде добитник на највисокото признание за научен труд.
- Овој настан ме научи да си ја ценам и сакам мојата држава бидејќи сѐ што ми било потребно во животот сум го добил од неа и моја должност е да ја претставам во најдобро светло пред студентите од другите држави. Драго ми е и третото место на ораторскиот натпревар „Зборувам со Европa“ на државно ниво, настан на кој научив за важноста на јавното говорење и како да ги подобрам своите ораторски вештини - додава Велјановски.

Истражувања на Белчишкото Блато и покрај тешко пристапните терени

Во дел од проектите е вклучен благодарение на силната поддршка од менторката, проф. д-р Дијана Блажековиќ-Димовска од Факултетот за биотехнички науки. Дел од проектите е и истражувањето на рибната популација во Белчишко Блато, кое му донесе големо искуство за истражувачката работа на терен. Ова мочуриште во Дебарца е живеалиште на 85 вида птици или една третина од вкупниот број видови во земјава, 224 растителни вида и 33 цицачи.

 
- Ова беше проект каде што бев вклучен како млад истражувач и траеше две години. Се работеше за тежок терен, без пристап за теренски возила, па требаше да се пешачи, инаку се истражуваше во сите годишни времиња. Исто така, за поефикасно истражување на регионот се користеа и дронови. Рибниот материјал беше пренесен во Хидробиолошкиот завод – Охрид, каде што се одвиваше анализата. Трудот беше презентиран на Универзитетската студентска конференција на нашиот универзитет - додава Велјановски.
 
Поевтината храна може да биде вкусна, но не е секогаш здрава
 
Од досегашните положени испити има стекнато просек 9. Вели дека Факултетот за биотехнички науки во Битола го привлекол бидејќи се изучува храната, нејзина заштита и сите процеси што треба правилно да се изведат за таа да биде квалитетна и безбедна за консумирање.
 
 
- Во иднина, како дипломирани кадри од овој факултет, ќе работиме на безбедност на храната, а со тоа и здравјето на народот ќе биде ставено во нашите раце. Затоа на студирањето му пристапувам доста сериозно. Има квалитетна храна. Проблемот е во тоа што таа чини повеќе, а не секој може да си ја дозволи. Денес може да се обезбеди храна која е повкусна и со помала цена, но со мал квалитет. Таа ги нема функционалните компоненти што ги има квалитетната храна за да го одржува нашето здравје - вели талентот на ФБН.
 
Моето семејство е моја поткрепа, па и јас сакам да сум тука за нив
 
Не е мал бројот на талентираните лица што одлучуваат да ја напуштат Македонија и да студираат во странство. Но, Велјановски остана во татковината и во родниот крај за да биде поблиску до семејството.
 
 
- Убаво е да завртите нов лист во својот живот и да имате свеж почеток. Секако, има уште многу други причини кои се привлечни за студентите да заминат во странство. Но, има многу причини и за моето останување во државава. Најголема причина е мојата фамилија. Овде сум благодарение на мојата фамилија, која е моја поткрепа и во лошите и добрите мигови. Тие се тука за мене и јас сакам да сум тука за нив. Убаво е да се има свеж почеток, но за тоа требаат големи напори и вложувања, а тие може да бидат вложени и тука, во нашата држава - посочува Велјановски.
 
Член на студентските собранија
 
Велјановски е заменик-претседател на Студентското собрание при Факултетот за биотехнички науки во Битола и член во Универзитетското студентско собрание при УКЛО.
 
- Нашата задача е да го подобриме студентскиот стандард. Инфлацијата, која ја погоди нашата држава (и целиот свет), исто така ги погоди студентите, па направивме сѐ што беше во наша моќ овие трошоци да бидат на минимално ниво за студентите. Имаме организирано голем број активности: куглање, пикадо, пинг-понг, фудбал, одбојка, кошарка, танцување, еколошки акции, симулација на енергетски самит, хуманитарни донации, емитување филмови за студенти, ораторски натпревар и уште многу други настани на кои може студентите да учествуваат за да шират познанства и да се надградуваат како академски граѓани - вели талентираниот студент од УКЛО.
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани