Webp.net gifmaker

Закажани првите рочишта за судскиот спор помеѓу превозниците и училиштата во Битола за бесплатниот превоз

Јануари 17, 2019

Основниот суд во Битола ги закажа првите рочишта за спорот во кој превозници од Битола тужат училишта  од градот за неиплатени фактури за бесплатниот превоз на ученици од септември 2018 година.

Превозот беше регуларан  со петгодишните договори меѓу Општина Битола и превозници, а сега тие договори  се во фаза на раскинување и им поминува отказниот рок кон средината на февруари годинава.

Првото  рочиште е закажано  за 28 јануари за гимназијата „Таки Даскало“, а потоа следуваат судски рочишта во февруари и март за другите средни училишта.

Во меѓувреме од средните училишта во градот потврдуваат дека стигнуваат нови нотарски решенија за  наплата со што се зголемуваат трошоците на училиштата што мора да ги плаќаат,  не по своја вина.

Директорите одбиваат да вршат плаќање за да не се најдат во ситуација како сега обвинетите бивши директори на школите во Битола во случајот „Транспортер“.

Директори за апла.мк велат дека остануваат на својот став и по цена училиштата да бидат блокирани по завршување на споровите, иако се убедени дека овие криминални договори ќе паднат на суд.

Договорите за бесплатниот превоз се трипартитни и потпишани меѓу превозниците, училиштата и Општина Битола.

-Општина Битола е известена за преземените чекори од страна на директорите на училиштата и е во тек со сите настани. Општината им ја дава поддршката на училиштата и во заедничка координација ќе бидат реализирани натамошните активности, до надминување на проблемите со дел од превозниците на битолските ученици, велат од општината.

Основното јавно обвинителство во Битола во ноември лани отвори нова истрага за петгодишните договори за линиски и ученички превоз, што ги потпишала поранешната локална власт од Општината.

Од Јавното обвинителство и денеска за апла.мк потврдија дека предметот е во предистражна постапка, но се уште не е во фаза за известување на јавноста. Но од ОЈО велат дека се вршат вештачења и наскоро ќе се изјаснат за петгодишните договори за линиски и ученички превоз, што ги потпишала поранешната локална власт предводена од Владимир Талески и превозници од градот.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани