АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Обвинение до Основниот суд во Битола покренало Основото јавно обвинителство од Битола за екс директорот на ЈКП Нискоградба, Кире Крстевски и уште тројца вработени во претпријатието М.М., В.П. и С.Х. Обвинението според извори на апла.мк е покренато на 4 март годинава. Обвинителството и полицијата подолг период назад го чешлаа финансиското работење на ЈКП Нискоградба, а исходот дали имало криминал во работењето на екс раководството се очекува да го даде Основиот суд во Битола.
За што точно се однесува обвинението засега официјално не е објавено, но на 15 мај лани, полицијата го осомничи екс дикректорот на Нискоградба, Крстевски дека го оштетил претпријатието за 250 илјади евра.
Битолската полиција поднесе кривична пријава против Крстевски (55), за „злоупотреба на службата“, а кривични пријави за „несовесно работење“ поднесени беа и против неговите соработници во ова јавно претпријатие, помошник на директорот за технички работи М.М. (59), раководител на сектор за правни работи В.П. (58) и референтот за техничка исправност на возилата и поранешен раководител, С.Х. (55). Сите беа осмничени дека во периодот од 2013 година до 2017 година му нанеле штета на ЈКП Нискоградба во вкупен износ од 15 милиони денари или 250 илјади евра.
Крстевски се товари дека во 2016 и 2017 година, по предлог на комисијата во која членувале останатите тројца пријавени, набавил бензин за возилата во претпријатието и масло за греење од правно лице кое немало лиценца за таа дејност, со што му овозможиле на оваа фирма да се стекне со противправна имотна корист од околу 6 милиони денари.
Во 2015 година, Крстевски, потпишал договор со фирма од Скопје за набавка на канализациски цевки, во вредност од 7,5 милиони денари, иако постигнатата конечна вредност на одржаната аукција била 500 илјади денари, со што му овозможил на ова правно лице да се стекне со вкупна имотна корист од 7 милиони денари.
Во 2016 година, пак, пораншениот директор на Нискоградба му овозможил на фирма од која набавувал канализациони цевки да се стекне со 189 илјади денари повеќе од вкупно потпишана вредност од 2 милиони денари.
Крстевски се товари дека во периодот од 2013 до 2017 година дозволил да се набавуваат производи кои не се во спецификација на договорот склучен со фирма од Битола, со што ова правно лице се стекнало со имотна корист од околу 500 илјади денари.
На фирма од Скопје, со која ЈП Нискоградба имало едногодишен договор за физичко и мониторинг обезбедување, од октомври 2014 до октомври 2015 година, Крстевски и овозможил да се стекне со противправна имотна корист од 1,4 милиони денари, затоа што без анекс на договорот и без постапка за јавна набавка, фирмата ја ангажирал за истите услуги до јануари 2018 година, кога бил потпишан нов договор.
Неговите соработници пак постапиле несовесно при вршење на должноста, затоа што во постапките за избор на најповолен понудувач за набавка на гориво за возилата и масло за греење, не го зеле предвид фактот што фирмата од Битола не поседувала лиценца за оваа дејност.
Полицијата поднесе кривични пријави против Крстевски и во април годинава, со кои тој се сомничи дека ги фалсификувал завршните сметки за 2013 и 2014 година, со цел да се прикаже добивка во работењето, а исто така, во периодот од 2013 до 2017 година, Крстевски одобрувал големи трошоци за репрезентација со што неоправдано се зголемувале расходите на претпријатието, за што поранешниот дикректор на Нискоградба заработи кривична пријава за несовесно работење.