АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денес го посети СВР Битола и соопшти дека процентот на откриени криминални дела е зголемен, освен во делот на опожарени возила во Прилеп.
„Состојбата со криминалитетот и процентот на откриени кривични дела, на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Битола, ми беа дадени информации дека има подобрување во однос на процентот на откриени кривични дела од сите аспекти, освен во делот на опожарени возила. Во тој дел дадовме инструкции да се преземат поинтензивни активности на терен со цел превенција и спречување на овој вид на кривични дела. Опожарените возила се претежно на територијата на Прилеп. Според информациите што ги добив се работи за поединечни случаи од различни мотиви на изнуда, лична нетрпеливост, криминална нетрпеливост“ , рече Чулев.
За состојбата со пасошите изјави дека првата пратка се очекува да пристигне за една недела до десет дена.
„Продолжува комисијата со работа. На дводневна основа се разгледуваат сите барања за приоритетно издавање на патни исправи, се прави селекција и сите оние граѓани за кои комисијата одлучила дека имаат приоритет за издавање на патни исправи уште следниот ден им се издаваат, а они кои не ги исполнуваат строгите услови се оставаат настрана, но ќе имаат приоритет веднаш по стигнувањето на правата пратка да им бидат издадени. Очекуваме многу порано од рокот од 24 март да пристигне првата пратка со патни исправи . Имаме најава дека за недела дена до десет дена ќе пристигне првата пратка патни исправи, во тој дел ќе се релаксира состојбата со патни исправи“, рече министерот.
Во врска со коронавирусот кажа дека МВР обезбедува пет објекти во земјава каде има лица кои можно е да се заболени.
„Како МВР презедовме активности, на граничните премини Граничната полиција дели информациски памфлети во врска со степенот на мерките кои треба да се преземат за корона вирусот, начинот на заразување и заштита заедно со телефонски броеви од Институтите за јавно здрвје. На колегите кои работат на граничните премини им се поделени заштитни гумени ракавици, заштитни маски и дезинфекциони средства. На ниво на Министерство ќе се спроведе итна јавна набавка за заштитна опрема и дезинфекциони средства за сите колеги да бидат соодветно заштитени. Вработените во граничната полиција имаат прашалници со интервјуа па сите оние граѓани кои доаѓаат од кризните подрачја се интервјуираат и овие прашалници се дистрибуираат до Министерство за здравство и доколу има потреба со истите подоцна доаѓаат епидемиолози кои продолжуваат со интервјуата или преземаат соодветни здравствени прегледи. МВР ангажирано за 24 часовно обезбедување на еден објект на територија на СВР Скопје и на 4 објекти на територија на Струмица каде што согласно насоките од Министерство за здравство луѓето се ставени во карантин, а се потенцијални носители на вирусот корона.“, рече Чулев.
Ж.З.