АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
По повод големиот христијански празник Христово воскресение митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар одржа архиерејска пасхална литургија во храмот „Св Димитриј“ во Битола.
Тој во своето обраќање до присутните рече дека идолопоклонството, односно среброљубието и овоземните интереси, ја заменија љубовта кон Бога, а завидливоста и љубомората кон браќата, ја заменија љубовта кон ближниот.
„Скотољубието го замени човекољубието, а блудот и прељубата, брачната и семејната љубов. Лагата ја замени вистината – Христа, вечната светлина. Лицемрието и лукавството, ги замени искреноста и чесноста. Очајанието го замени длабокото покајание, сомнежот ја замени довербата. Гневот, пак, бесот и лутината, ги замени смирението и трпението, а одмаздата, простувањето. Телесните, земните и материјалните наслади и уживања, ги заменија духовната радост и спокојството“, рече владиката.
Тој уште додаде дека духовните вредности кај современиот човек, се наполно запоставени, затоа што во овој век на обезличениот човек, во ова потрошувачко и тотално материјалистичко општество, духовните вредности, од страна на современиот човек, се непрепознатливи и неприфатливи.
Тоа е така, бидејќи основата, темелот врз кои се градат овие духовни вредности е загубен. Тој не постои, бидејќи е презрен и отфрлен. Но, во Светото писмо е кажано: Нема друга основа, освен поставената, нема друг темел и нема друг аголен камен, освен Христа аголниот камен, кој што го отфрлија современите ѕидари на осовременетото образование. Претежно, такви се современите генерации кои растат без вера во Бога и се развиваат, градат и надградуваат, без основа и темел, изграден врз аголниот камен Христа, за нас Распнатиот и Воскреснатиот од мртвите“, додаде г. Петар.
Тој псочи дека секогаш треба во душите и срцата да ни биде присутна мислата, за верата во Христа и дека без таа вера и живот, ни нема спасение. Ги повика верниците да пристапт кон Христа Воскреснатиот.
„За сите има место во Неговите прегратки. Да му се поклониме на неговото триднево воскресение, соединети со него со целиот свој ум. Да го прегрнеме со целата своја душа и срце и така, прегрнати во овдешната духовна прегратка, да се удостоиме и за Христова прегратка во царството небесно“, рече митрополитот преспанско-пелагониски.
На божествената литургија дел од верниците имаа можност да се причестат, дел службата ја следеа внатре во црквата, а дел останаа во дворот да го дочекаат Христовото воскреснување.