2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

Сите земјотреси во Битолско се поврзани со Пeлистерскиот расед- анализа на географот Мите Ристов

Јануари 14, 2022

Анализа на професот по географија Мите Ристов, претседател на Регионалното географско друштво „Геосфера“-Битола

Битолското сеизмичко подрачје се наоѓа во југоисточниот дел на западно-македонската сеизмичка зона. Ова подрачје го сочинуваат неколку блокови, од кои карактеристичен е Пелистерскиот, како и Преспанската и Пелагониската депресија. Границите помеѓу овие структури претставуваат раседи или пукнатини во Земјината кора, каде најчесто се среќаваат земјотресите. Пелистерскиот блок е под постојано издигање со брзина од околу 4-6 mm/год., што претставува висок степен на интензивни тектонски движења. На сеизмолошката карта на Македонија јасно може да се воочи Пелистерскиот расед кој морфолошки е доста изразен расед и со него се поврзува постанокот на битолскиот земјотрес од 1.9.1994 год. Пелистерскиот и раседот кој поминува во западниот дел на Пелагонија, означен со А на картата (границата помеѓу Пелистерскиот блок и Пелагониската депресија) се главните раседи кои ја условуваат современата сеизмичност на битолското подрачје, 

271394479 634428374343202 8322363672784399816 n

Токму со овие два раседи е поврзан и последниот земјотрес во околината на Лерин. Сите земјотреси во нашата земја се како последица на интензивниот притисок кој се јавува поради судирот на Африканската и Евроазиската тектонска плоча (види карта). Овие тектонски плочи лежат врз жешката магма под Земјината кора, која е во постојано движење и ги придвижува тектонските плочи.

Судирот меѓу овие две големи тектонски плочи резултира со раздробување на јужниот дел од Евроазиското копно, создавање на бројни пукнатини во Земјината кора и формирање на повеќе нестабилни блокови на територијата на Македонија, кои се особено сеизмички активни. Од Сеизмолошката карта на Македонија можат да се уочат најлабилните блокови и региони во државата, тоа се: Валандовски, Скопски, Дебарски, Битолско-Демирхисарски блок, Охридски, Малешевијата и др. каде се случиле и можеме да очекуваме најсилни земјотреси и во иднина. Потврда за тоа е и самата табела со најсилните земјотреси регистрирани во државата.

271485099 515459016375409 7282483818210014452 n

Од табелата се гледа дека сеизмички најактивни подрачја се регионот на Малешевијата, Валандово, Дебарско и јужниот дел на Охридката Котлина, каде се случиле и најсилните земјотреси.

Во последните 100 години во битолското подрачје се случени три посилни земјотреси (1920, 1958 и 1994 год.) со интензитет од VII до VIII степени според MCS скала, со магнитуда од М = 5,3 - 5,40 по Рихтер, кои нанесле прилично големи штети во градот Битола и околните населени места. Сите три земјотреси се поврзани со активирање на Пелистерскиот расед, така што, за очекување е и во иднина овој расед да генерира нови земјотреси.

  Според направениот посебен извештај на ИЗИИС-Скопје, од октомври, 1994 год., нагласено е дека: „Врз основа на досегашните сеизмолошки истражувања на територијата на Македонија констатирано е дека во Битолско-ресенското сеизмогено подрачје треба да се очекуваат земјотреси со максимална магнитуда од М=5,70 кои на површината на теренот ќе се манифестираат со епицентрален интензитет од VIII степени според MCS скала“.

Од изнесеното произлегува дека во врска со сеизмичноста на битолското подрачје се направени студиски елаборати, но, без толку потребниот завршен дел наречен „детално сеизмичко реонирање на општинско и сеизмичко микрореонирање на градското подрачје“. Ова е особено важно, бидејќи одредени региони во градот имаат нестабилно земјиште, кое дополнително влијае врз зголемување на јачината на земјотресните бранови. Така на пример, околу поранешните речни долини на Брусничка и Лавчанска река, кои поминувале низ просторот на денешната улица Партизанска и од населбата Недопирливи низ улицата Солунска или поранешната река Курделец, се пријавени позначителни оштетувања на објектите, бидејќи објектите се изградени во речни седименти кои се со поголема нестабилност.

Овие сеизмички мапирања на општината и на град Битола, како во однос на земјиштето, така и во однос на асеизмичноста на објектите, ќе мора да се изработат час поскоро, бидејќи според активноста на Пелистерскиот расед и честината на земјотресите, кои во последните 100 години се јавуваат на секои 35 до 38 год., се очекува појава на нов силен земјотрес во регионот на Битола до 2030 година.

               

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани