2win800x200

Правата на лицата со попреченост се подобрени, но се уште далеку од посакуваното

Јуни 09, 2022

Еден од главните проблеми за политиките кон подобрување на правата на лицата со попреченост е немањето регистер на такви лица, пописот тоа делумно го ублажи, а и насочена стратешка политика што исто така треба да се исправи до крај на 2022, бидејќи на крајот на јуни извршната власт најави носење Национална стратегија за правата на лицата со попреченост

Поаѓајќи од Уставот, законите и меѓународните конвенции, РСМ има законска регулатива за регулирање на правата на лицата со попреченост и ја имплементира во пракса, но се соочува со два проблеми. Национална стратегија допрва ќе се носи, а исто така, допрва ќе треба да се направи Регистер на лица со попреченост.

Дел од проблемите на лицата со попреченост се опишани и во извештајот на „Метаморфозис“ за почитување на основните права на човекот во РСМ, под наслов Основни права-Рамка има, имплементацијата варира, секаде се потребни повеќе пари.

Во извештајот им е посветено внимание на децата со попреченост, како дел од заштитата и на детските права, но и генерално за другите проблеми со кои се соочуваат лицата со попреченост.

Заштита на детските права – најмногу помош им треба на децата со попреченост

Во однос на остварувањето на основните права на децата согласно законските и меѓународно-правните документи, како што се Конвенцијата за правата на децата и Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, може да се констатира дека во РСМ најголем проблем, всушност, се правата на децата што имаат некаква форма на физичка или интелектуална попреченост, се вели во извештајот на „Метаморфозис“.

Иако е направен напредок во таа насока во 2021/2022 година, бидејќи прв пат преку Министерството за труд и социјална политика се обезбедени финансиски средства за 500 образовни асистенти и за извесен број лични асистенти, се покажува дека потребите се многу поголеми од тоа што го обезбедува државата.

Имено, според податоците што ги собрала Канцеларијата на Народниот правобранител во последниот квартал од минатата година, состојбата е следна:

Констатацијата што произлегува од одговорите на основните училишта со ресурсен центар е дека заклучно со октомври 2021 година се распределени вкупно 414 образовни асистенти, а за уште вкупно 266 барања не е даден позитивен одговор. Согласно податоците од Министерството за труд и социјална политика, вкупниот број на поднесени барања за лични асистенти е 26, од кои се обезбедени вкупно девет лични асистенти, одбиени се пет барања како неосновани, а за 12 барања постапката не е завршена поради немање слободни сертифицирани лични асистенти.

Истражување на оваа тема се правени и од дел од медиумските проекти на „Метаморфозис“.

Наспроти бројката наведена во годишниот извештај на НП, од МТСП неколку пати ја повторуваат бројката од 500 образовни асистенти, но дури и да е постигната, потребите на терен се многу поголеми. Тоа се потврди и со официјалниот одговор што го доби редакцијата на „Порталб“ во истражувањето на оваа тема објавено во јуни годинава:

„Од Министерството додаваат дека Владата од оваа година обезбедила средства и ангажирала 500 асистенти во наставата, за кои се обезбедени 216 милиони денари, а кои ги поддржуваат наставниците во работата со ученици со попреченост, додека Министерството за труд и социјална политика направи законски измени со кои старосната граница за користење на услугата за лична асистенција се намалува од 18 години на 6 години. Во моментов се вработени 150 персонални асистенти, кои обезбедуваат поддршка за 217 деца/лица со попреченост и 126 лица ангажирани во грижата и услугата домашна нега за вкупно 301 лице“- се наведува во текстот на „Порталб“.

Факт е, дека во Ребалансот на Буџетот за 2022 г. внесен во Собранието во мај, во програмата за детска заштита има зголемување на буџетот на Министерството за труд и социјална политика – од 157 на 183 милиони денари, дел од тоа се за детски градинки и за згрижувачки семејства, но дел и за образовни асистенти.

Регистер и Национална стратегија

Еден од главните проблеми е тоа што државата не може да води дологорочна политика ако не ги знае прецизно потребите за каде да ги алоцира средствата. Државата сѐ уште нема регистар на лицата со попреченост, иако веќе е направен извесен пробив со пописот од 2021 година, се наведува во извештајот на „Метаморфозис“. Притоа се потсетува дека ова барање е одамна упатено до властите, но и од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

„Комисијата за заштита од дискриминацијата уште на 3.12.2021, на Меѓународниот ден за лицата со попреченост, излезе во јавноста со четири структурни препораки до извршната власт и сите институции задолжени за спроведување на правата на овие лица. Една од поважните препораки, освен еднаквиот пристап до здравствени услуги и вакцини во време на пандемија, е конечно да се изработи национален регистар за овие лица, со цел во иднина да можат и на централно и на локално ниво да се носат поуспешни и спроведливи политики во заштитата и остварувањето на правата на овие лица“.

Според проценки на експерти што се инволвирани во оваа проблематика, а што беа консултирани за извештајот на „Метаморфозис“, во РСМ има над 200 илјади лица со некаков вид попреченост, а таа бројка со членовите на нивните семејства е многу поголема, затоа што експертите наведуваат оти треба да се гледа вкупната бројка на луѓе што се соочуваат со проблемот – лицата со попреченост, но и нивните семејства“.

На овој проблем можеби му се гледа крајот, бидејќи, под број еден, помогна делумно и Пописот на населението и домаќинствата од 2021 година, но и самата министерка најавува дека ќе се изготви регистер годинава.

На почетокот на јуни годинава, ДЗС излезе со овој сет податоци од пописот, при што произлезе дека попишувачите преброиле околу 94 илјади лица со разни попречености. Подетално за сознанијата добиени од пописот може да се види во анализата што ја направи „Вистиномер“, каде што се потенцира и улогата на локалната самоуправа во отстранување на дискриминацијата со која се соочуваат овие лица. „Сега, со објавувањето на податоците од пописот, точно се знае во која општина во државата колку лица со попреченост има и во зависност од тоа би можеле да се направат идните планови во однос на тоа дали и каде се потребни повеќе центри и поголем пристап до услуги за оваа категорија лица. Останува на градоначалниците колку ќе ги искористат овие податоци за да ги подобрат услугите за лицата со попреченост во своите општини“ – се наведува во анализата на „Вистиномер“.

Изработка на Регистар за во 2022 година најави и министерката за труд и социјална политика на една средба во април 2022 со претставници Националните инвалидски организации, но освен тоа, таа генерално наброја што предвидуваат политиките на државата, т.е. преку МТСП, за оваа година:

Новите права и  услуги за 2022 година, коишто се договорени со другите министерства и фондови, се: ослободување од партиципација за лицата со попреченост над 26 години во вкупна висина од 16.000.000 милиони денари, покачување на правото за посебен додаток од 15% за сите три категории на корисници, потпишување на договорот за  лицата што користат Кохлеарни импланти за набавка на говорниот процесор, измена на правилникот за утврдувањето список со поправки на ортопедските помагала за покривање на трошоците за сервис и поправка на говорниот процесор, намалување на времето за доделување ортопедски помагала – чевли од 9 на 6 месеци, промена на критериумите за користење на личната асистенција, односно дополнување со комбинирана попреченост каде што доминантна е телесната, проверка на усогласувањето на  висината на правата со трошоците за живот, измена и дополнување на Одлуката за цената на социјалните услуги за 2022 година, каде што се предвидува цена за час индивидуален и цена за дневен третман за дете/лице со попреченост од стручен работник во лиценцираните дневни центри за деца со попреченост, односно 858 денари за индивидуален третман и 1.053 денари дневно за корисник, платени преку Центрите за социјална работа, воведување Регистар за лицата со попреченост.

Сепак, најголемата промена на позитивно веројатно ќе се случи откако ќе биде изготвена Националната стратегија за правата на лицата со попреченост која беше најавена на самиот крај на јуни годинава, на работилница организирана од страна на Владата на РСМ и Германското друштво за меѓународна соработка ГИЗ. На овој настан и премиерот Димитар Ковачевски и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска говореа за сите постигнувања во позитивна насока направени досега, но и на „модернизација на политиката кои го овозможуваат вработувањето на лицата со попреченост“, како што објави „Мета“.


https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2021/09/ned-logo-768x180.png 768w, https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2021/09/ned-logo.png 873w" alt="" width="300" height="70" class="size-medium wp-image-106627 alignleft b-loaded" style="margin: 5px 20px 15px 0px; float: left;" />Овој напис е изработен во рамките на проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани