АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Ако се погледне образложението на Мислењето што Комисијата за спречување и заштита од дискриминација го утврдила во февруари годинава, ќе се види дека за случајот со претставката што била поднесена до нив не е виновно посоченото училиште за основно образование од Штип, туку дека главната вина што доведува до формирање етнички чисти паралелки Комисијата ја гледа во Законот за основно образование, во членот 63, став 4, де факто, членот, кој е наречен Реонизација на училиштата и кој им овозможува и на родителите и на училиштето да ги запишат своите деца или да запишат други деца надвор од реонот каде што е сместено училиштето39. Комисијата донела и Општа препорака во која, меѓу другото, му се препорачува на Министерството за образование и наука да пропише построги критериуми за промена на училиште во друг реон надвор од реонот на живеење на децата, со што би помогнале во процесот на десегрегацијата на децата Роми. За овој случај говори и Канцеларијата на НП во Годишниот извештај за 2021, при што го издвојува како „тенеденција за сегрегација на ученици поради непочитување на одлуката за реонизација“, која за сторените повреди упатила и Укажување до локалната самоуправа (повеќе детали на стр.85 од Годишниот извештај на НП за 2021 г).
КСЗД во текот на 2021 и 2022 година утврдила уште неколку случаи на дискриминација врз основа на национална припадност и раса, односно боја на кожа – два случаја на дискриминација од страна на вработени во Јавното сообраќајно претпријатие Скопје, при што едниот случај е потежок облик на интерсекциска дискриминација, случаи на ускратување на добра и услуги за Роми, како што се пристап до два кафе-бара, едниот во Берово, другиот во Прилеп итн. Во 2022 година КСЗД веќе утврдила дискриминација на Роми по однос на право на снабдување со чиста вода во Кичево и Кавадарци, а таков случај имало и во Струмица.
Дискриминација што поприма облик на сегрегација има и во други области, како што е правото на слобода на движењето, кога имаме регистрирано случаи и потврдени преку експеримент – тест, изведен со намерно организиран превоз со автобус при преминувањето на државната граница. И тој тест и други пријави што сме ги регистрирале покажале дека се случува полициските службеници детално да проверуваат и да ги издвојуваат од автобусите Ромите, со оправдување дека постоела злоупотреба на безвизниот договор со земјите членки на ЕУ. Но, примерите се од македонскосрпската граница, која може да се мине и со лична карта – ни изјави експерт од фокус-групата што беше консултиран за прашањата поврзани со Ромите.
Според истиот експерт, дискриминација постои и при вработувањето, дури и во јавниот сектор и државната администрација, а причините се повеќеслојни:
Една од причините е т.н. балансер, кој ретко покажува дека има потреба во некоја институција од вработување Ром/Роми. Проблемот е во методологијата за правичната застапеност (подзаконски акт), која досега вадеше погрешени податоци од пописот во 2002 година, а ние предлагаме тоа да биде од вкупниот број вработени, односно да се земаат тие параметри, а не вкупниот број Роми. Но имаме и случај, регистриран и од Народниот правобранител, кој ни покажа дека дури и кога „балансерот“ ќе покаже оти е потребно вработување на Ром/Ромка, по партиски клуч се вработува друго лице – од друга заедница. Примерот е од подрачната УЈП во Прилеп, вели експертот.
Втора причина, според истиот извор, е што не се точни базите на податоци, вклучително и резултатите од последниот попис на населението од 2021 година.
Пописот не ја отсликува реалната бројка на податоци затоа што имаше, прво, голем број непопишани Роми, второ, и кај тие што се попишуваа имаше манипулации преку два начина – влијание на попишувачите кои во некои средини воопшто не прашуваа за етничка припадност на попишаните и влијание на Турција и на турската заедница во РСМ, дали преку попишувачи, дали преку организации за соработка и развој, кои активно лобираа и вршеа влијание во делови од ромската заедница да се изјаснуваат како Турци. Вакви влијанија врз ромската заедница имаше и од локалната албанска заедница или од припадници на политичките партии на Албанците во некои од градовите во Западна Македонија, но од помал обем, за разлика од проблемите што ги регистриравме во дел од централна и источна Македонија.
Оваа грешка не може да се исправи дури и со вкрстената споредба на податоци од другите регистри и дата-бази што ги водат други институции, како на пример таа што ја има Агенцијата за посредување при вработување – АВРСМ.
И таму се случуваат многу „грешки“ од шалтерските вработени, па лица Роми, активни или пасивни баратели на работа, се запишуваат дека се од друга етничка припадност, во случајов Албанци. Неодамна е направена тест-проверка, при што на случајно избран примерок од 200 Роми во базата на податоци на АВРСМ, околу 30 отсто биле запишани како не-Роми – вели експертот што беше консултиран за овој Извештај.
Од погоре наведените примери може да се констатира дека дискриминацијата по основа на етничка припадност и боја на кожа, т.е. дискриминацијата врз Ромите, е сѐ уште горлив константен проблем во Северна Македонија и во текот на годината се регистрираат повеќе случаи во Комисија за спречување и заштита од дискриминација и кај Народниот правобранител, како и десетици случаи од страна на невладините организации што се занимаваат со заштита на правата на Ромите. Според фактичката состојба (годишни извештаи и статистика), се чини дека КСЗД многу повеќе ги користи инструментите што ѝ се дадени со Законот за спречување и заштита од дискриминација, па поведува и прекршочни постапки со потежок квалификаторен облик како што е интерсекциска дискриминација, додека Народниот правобранител извршува повеќе медијациска улога и дејствува преку укажувања, ургенции и препораки.
Во стратегијата се употребува и речникот што се употребува во Советот на Европа и во ЕК, а тоа е антициганизамот, како своевидна комплексна форма на расизам што се регистрира од не-Роми врз Ромите, по повеќе основи. Една од стратешките цели е намалување на антициганизмот преку серија мерки, а една од нив е вградување на антициганизмот како крвично дело во Кривичниот законик, за што има спротивставени мислења помеѓу нашите соговорници.