АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Договори за стипендии на дванаесет студенти од Техничкиот факултет доделија претседателот на Управниот одбор и генерален директор на Државните електрани на Македонија, Драган Миновски и директорот на РЕК Битола Васко Ковачевски. Станува збор за студенти од прва, втора и трета година кои веќе користат стипендии од АД ЕЛЕМ, а правото го стекнале со исполнувањето на критериумите предвидени во договорот, односно задржале просек не помал од 8 (осум).
-АД Електрани на Македонија, како општествено одговорна компанија, сака да вложува во младите луѓе, сака да помогне во продуцирањето кадар, особено од областа на техничките науки, електротехниката и информациските технологии, како и од други области кои се барани во стопанството и на кои во иднина уште повеќе ќе почива индустријата и целата економија, изјави Миновски потенцирајќи дека АД ЕЛЕМ се залага да им се даде до знаење на младите дека за нив има иднина во Македонија и дека институциите знаат да препознаат и да поддржат амбициозни и подготвени студенти, со визија да се вклучат во работниот процес.
Директорот на РЕК Битола, Ковачевски изрази задоволство што АД ЕЛЕМ продолжува до поддршката на студенти кои наскоро можеби ќе бидат дел од колективот на Рударско – енергетскиот комбинат Битола.
- Ги охрабрувам студентите на Техничкиот факултет во Битола кои користат или ќе користат стипендии од АД ЕЛЕМ, да не штедат напори во стекнувањето знаења. Уште поважно, ги повикувам тие знаења да се обидат да ги стават во функција на развојот на македонскиот енергетски сектор, и тука, во РЕК Битола да најдат своја егзистенција, нагласи Ковачевски на доделувањето на стипендиите.
Техничкиот факултет Битола врз основа на Одлука на Управниот одбор на АД ЕЛЕМ, на 25. јуни распиша конкурс за доделување на пет нови стипендии за студенти од Техничкиот факултет запишани првпат, во I-ва година во учебната 2017/2018 година. Можност за пријавување имаат студентите од електротехничкиот и машинскиот отсек, како и студенти од отсекот мехатроника кои оствариле просечна оценка не помала од 8 (осум), по завршување на првиот семестар. Финансиската поддршка од АД ЕЛЕМ за студентите од Техничкиот факултет Битола изнесува 6.000 денари, во траење од десет месеци секоја академска година.
АД ЕЛЕМ секоја година доделува по 25 стипендии за новозапишани студенти во прва година на пет државни факултети во Македонија.