АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битолската полиција поднесе кривична пријава против директорката на Високата медицинска школа во Битола, Домника Рајчановска, под сомнение дека сторила две кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „повреда на правата од работен однос“.
Рајчановска, на 23.05.2018 година, постапила спротивно на Законот за работни однос и со злоупотреба на својата службена положба донела решение за престанок на работниот однос на вработената Елизабета Попова-Рамова, иако одлуката по предметот донесена од Управниот суд се уште не била правосилна, со што на именуваната и ги повредила правата од работен однос.
Директорот на Високата медицинска школа Битола, Домника Рајчановска, на 23 мај годинава, донела решение за престанок на работниот однос на Попова-Рамова, а Наставничкиот совет на Високата медицинска школа во Битола на седница одржана во јуни го потврди отказното решение за професорката Елизабета Попова-Рамова, на која поради наводен плагијат на еден од 12 докторски труда ѝ е одземено звањето „професор на високата стручна школа“. Рајчановска тогаш за медиумите изјави дека за отказот на професорката е постапено според закон и дека не можат да држат во школата професор без звање.
Во приговорот против отказното решение, професорката Попова-Рамова ја обвини директорката Рајчановска за мобинг и деградација.
– Наставничкиот совет одлучи да не ги прифати укажувањата на Управниот суд дека немаат право да одлучуваат за одземањето на звањето. За овој случај ќе одлучува и Сенатот на Универзитетот. Постапката по која ми е одземено звањето нема основа, зашто тоа не е надлежност на просветниот инспекторат. Јас имав публицирано 12 труда со импакт-фактор што не се ни бара за ниво на професор од Висока стручна школа, а еден труд не игра никаква улога дали наставникот ќе биде избран или не, најмалку да му биде поништен изборот – изјави професорката Попова-Рамова, по одлуката на Наставничкиот совет.
Дел од професорите кои беа на седницата обвинуваа дека отказот е без основа и дека е реваншизам затоа што Попова-Рамова многу пати укажувала на незаконско работење на раководството на Високата медицинска школа. Тие тогаш предупредија дека се доведува во прашање постоењето на Школата, бидејќи Законот обврзува таа да има десет редовно вработени наставници, а со заминувањето на професорката остануваат девет.
Сега полицијата ја осомничи директорката на Школата дека работела спротивно на Законот за работни односи, со што ја злоупотребила службената положба, поради што и е се поднесени кривични пријави.