АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Реновирани се соблекувалните и осветлувањето во фискултурната сала во Основното училиште „Климент Охридски“ во Битола со средства на Општината, РЕК „Битола“ и Советот на родители.
„Со реконструкцијата на соблекувалните во фискултурната сала се обезбедија подобри услови за учениците кои на број се 956 во училиштето“, рече директорката Гордана Анастасова.
Според бројот на ученици, ова најбројното училиште во Битола. Учениците за време наставата по физичко воспитување ќе можат да користат современи соблекувални со заменети плочки, инветар, тоалети, а спортската сала доби квалитетно осветлување.
„Нашето училиште од секогаш се стремело да имаме добри услови на часовите по физичко и здравствено воспитување. Секое вложување во младите, конкретно во спортот, секако е за поздравување. Со овие нови вложувања уште повеќе ги подобривме условите за работа на учениците и мислам дека ‘Св. Климент Охридски’ како училиште е еден пример кој се надеваме сите заедно ќе се потрудиме да го пратат и другите училишта“, рече Предраг Созовски, наставник по физичко воспитување.
Градоначалничката Наташа Петровска рече дека она во што треба искрено да се вложува се условите за развој на децата кои се наша иднина.
„Сите здружено направивме неколку зафати во соблекувалните во фискултурната сала. Општина Битола се вклучи со санитарниот дел, РЕК со уредување на соблекувалните, а Советот на родители со поставување врати. Дополнително РЕК ‘Битола’ се вклучи со подобрување на осветлувањето во спортската сала. Сите заедно направивме еден зафат кој ги подобри условите за часовите по физичко воспитување во ова училиште“, рече градоначалничката.
Директорот на РЕК „Битола“ Васко Ковачевски рече водени се од максимата дека општествената одговорност е инвестиција, а не трошок.
„Токму затоа во рамките на нашите статутарни можности како подружница на ЕЛЕМ гледаме колку што можеме повеќе да помагаме во образованието, здравството, културата и спортот. Со оглед дека РЕК се наоѓа во Битола ќе се залагаме во иднина тоа да бидат далеку повеќе средства и донации во однос на институциите или на поединци. Сме помагале , помагаме и ќе помагаме зашто РЕК Битола е еден од столбовите на економијата и мислам дека можеме и повеќе да помогнеме во нашето општество. Здрава и образована нација ќе значи и здраво општество“, рече Ковачевски.
Во дел од училниците во ова училиште старите зелени табли се заменети со нови бели табли.
„Во пет училници се набавени нови бели табли по иницијатива на наставничките од Одделенскиот совет на второ одделение, но во соработка со учениците и родителите на учениците. Таблите се набавени со средства од организирање на два претприемнички настани и дел помош од Совет на родители. Таблите помагаат за подобра реализација на наставата зашто зелените беа долго време користени и доста оштетени“, рече Даниела Петковска, оделенски наставник.