АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Школски инвентар од 50 клупи, 100 столици, 5 табли, 5 катедри, 5 врати и 12 столици за наставници денеска ги поднови училниците во ОУ „Гоце Делчев“ во Битола.
Донацијата вредна 7 илјади евра е дадена од страна на Невладината хуманитарна организација „Kaliri I Mersis“ (Kalliri i Mirёsisё), формирана во 1991 година во Скопје во улога на имплементатор и исламското здружение „Исламик Релиф“ (Islamic Relief)) како финансиер.
Новите клупи и столчиња , како и целокупниот инвентар веќе се сместени во училниците, а новиот лик оддава современа и позитивна слика за ова училиште.
Муамер Шкриел, координатор на проектот од хуманитарна организација „Kaliri I Mersis“ (Kalliri i Mirёsisё) од Скопје вели дека идејата за оваа донација е координирана со битолскиот муфтија Амит Расими кој воедно е наставник во ова училиште.
-Минатата година имавме една посета за да утврдиме кои се потребите на школото од клупи, столчиња и друго. Денеска сме тука со донацијата и чест ми е и задоволство што сме дел од еден ваков проект, бидејќи се однесува на младите генерации во кои што треба да инвестираме што повеќе . Ова ќе биде првиот чекор од многуте кои ќе следат во иднина со ова училиште, рече Шкриел.
Битолскиот муфтија Расими кој водено е и наставник по предметот Етика и религии, вели дека донацијата ја инцирал со цел да им се обезбедат на учениците подобри услови за следење на наставата.
-Ме загрижуваа условите во кои учат нашите деца иако имаат волја и сакаат да учат. Се потрудив преку моите пријатели и соработката овде во школото да најдиме решение да се средат условите за работа, рече Расими.
Билјана Стојковска директор на ОУ „Гоце Делчев“ –Битола вели дека школото е изградено во 1847 , едно од најстарите училишта во градот кое е и двојазично. Во училиштето учат 600 ученици во 37 паралелки, а работат 93 наставници.
-Во нашето училиште учат Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби и од другите заедници. Нашата главна цел е подобрување на условите за работа во училиштето. Благодарни сме на донацијата , ова многу ни значи и е еден од првите чекори на соработка со овие донатори, но и прв чекор кој ќе не доближи до нашата цел за постигнување на повисоки и трајни знаења. Поголем квалитет во воспитно-образовниот процес. Денеска опремивме пет училници со нов инвентар, бидејќи клупите и столчињата кои досега беа во овие училници не беа променети можеби 2 до 3 децении, рече директорката Стојковска.