АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
И покрај врнежливата вечер, со спектакуларен огномет, во присуство на стотина деца од целиот свет, синоќа во старата битолска чаршија беше отворено 38-то издание на детската ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“.
Колонијата започна со отворањето на 37 Светска ликовна изложба од која цртежите се изложени во Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ во Битола. За изложбата пристигнаа 15 771 цртеж, од 337 училиште од 35 земји од светот. Жирито направи селекција на најдобрите кои се изложени во Студиото.
„Продолжува да живее магијата на Малиот битолски Монмартр. Во Битола и Охрид, деновиве до 30 мај ќе творат стотина ученици предводени од нивните ликовни педагози. Секоја вечер ќе се избираат најдобри поединци според цртежите што ги изработиле“, рече Косата Хаџиантоновски.
Наградата „Гран при 2019“ – „Симпли арт“, им беше доделена на учесниците од Хонг Конг – Кина.
Наградите на младите ликовни творци кои се истакнаа со свои цртежи испратени на конкурсот за изложбата, а допатуваа и во Битола, им ги додели градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска. Општината оваа година „Малиот битолски Монмартр“, го поддржа со 200.000 денари, што всушност претставува најголемата досегашна поддршка која оваа меѓународна манифестација ја добила од Општина Битола. Четирипати зголемената поддршка за Малиот Битолски Монмартр е во насока на поттик на визијата за понатамошен развој на манифестацијата која e бренд на градот и негов промотор во светски рамки.
„Малиот Битолски Монмартр е бренд на Битола. Репрезентативно ја претставува Битола години наназад, тоа е манифестација на која доаѓаат многумина и тоа дечиња од различни страни на светот, го исполнуваат со топлина нашиот град и дефинитивно манифестација на која што не само оваа година, туку и следните години во многу подобра кондиција треба да дадеме поддршка на ова величествено збиднување во нашиот град, за кое што исто така поддршка даваат и јавните претпријатија“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, за време на отворањето на 38 издание на Малиот Битолски Монмартр.