АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Салата од лубеница со сирење и рукола послужена во пресечената корупка од самата лубеница. Тавче гравче, полнети пиперки и тиквички испечени во земјени тави, мусака, неколку видови на месо, либанско лебче со три вида на макала со лук, питулици со лук, орев и сирење, кошница направена од вкусно тесто полна со домашни кифлички... Вино со разни мирудии. Ова беше само дел од трпезата на битолчанката Александра Печалева, или нашата Сандра, подготвена од нејзините вредни раце за да ги пречека десеттината туристи од Франција кои на поминување низ Битола сакаа да го вкусат и доживеат токму нашето, македонското, локалното и по многу нешта посебно гостопримство. Сандра во тој момент е како уметник, нејзините бои се сите бои на природата, а платното, нејзината трпеза.
Сандра повеќе од една година, од минатата пролет е домаќинка на туристи од повеќе држави низ светот, и не било каде, туку во својот двор, во својата семејна куќа во Битола. Во двор уреден како за своја душа, со зеленило, разновидни растенија, тикви, шери доматчиња, жалфија, рузмарин, босилек, магдонос, цвеќиња, мало витринче наредно со филџани и плетени ракотворби од баби и прабаби, во една автентична, но по многу нешта магична атмосфера таа брза да ја подготви трпезата за новите гости, кои овде во Македонија, во Битола, не ги преферираат кафеаните и скарите, туку сакаат да ја вкусат нашата домашна кујна и не направена комерцијално, туку како за своја душа. Семејна трпеза, нам добро позната, но не и на странците кои овде сакаат да доживеат, да видат и пробаат нешто локално и својствено за овој народ.
„Бонжур, бонжур“, срдечно и со широка насмевка Сандра ги пречка гостите од Франција, послужувајќи ги „од нанога“ со коктел рум-пунч од лубеница. Уште со првото вкусување Французите се распрашаа со што е направен вкусниот пијалок.
-Секогаш гостите ги послужувам со нов рецепт на ликер. Има алкохол - рум, лубеница,нане, објаснува Сандра и постојано ја прашува водичот на групата –Како се вели за овошје на француски, а за алкохол, а за шеќер? А, како се вели на француски за „на здравје“?, вели Сандра со гостопримство, додека Французите љубопитно го набљудуваат амбиентот.
Изненадувањата за Французите само што почнаа. Сандра , што би рекле битолчани, типично за градските фамилии гостите ги послужи со слатко од смокви, со неверојатна прозрачна светло зелена боја, како хризолит и ги подучи странците како треба да вкусат од смоквите и употребеното лажиче да го стават во другата чаша со вода, а тие послушаа прифаќајќи ги марифетите на домаќинката.
-Слаткото од смокви го правам на мој начин, и не ви откривам засега зошто смоквите имаат прозрачна светло зелена боја, вели Сандра низ насмевка.
Трпезата на која вешто се помешале, македонски, турски, грчки и блискоисточни вкусови со разновидни зеленчуци, овошја, зачини и билки за час беше испразнета. Странските гости не го криеја задоволството,ниту пак, домаќинката која вредно и вешто ги служеше како да се нејзини блиски роднини и пријатели, зборувајќи и разменувајќи ги впечатоците како одамна да се познава со секој од нив одделно. Воздишките на гостите не запреа тука, гастрономските изненадувања на Сандра продолжија со впечатлива декорација од сезонско овошје, што личеше како кула изградена и надградена со сочни парчиња лубеница, праски, зрна грозје... И накрај аплаузи и воздишки, гласни коментари од гостите кога Сандра на изненадување на сите им го донесе десертот, домашна торта нацртана во трите бои на француското знаме.
-Во ова мое дворче се е домаќински, семејно и автентично како да си чекам мои гости, а не непознати туристи. И тоа ми беше целта да го почувствуваат домашното, локалното, зошто ако не ми беше таа замисла ќе земев некој локал, кафеана. Ама не. Не сакам да се чувствуваат како да се во кафеана, туку како да се дома, кај нас на гости во Македонија, ни раскажува Сандра додека гостинот се распрашуваше што се тоа питулици, што има во нив, па најблиску што можеше да им го објасни рецептот беа палачинките.
-Ова е слично на палачинки, но нашите питулици се превкусни, се прават со многу лук и многу орев, објаснува домаќинката и веќе знае што од традиционалната македонска кујна им се допаѓа на Французите, што на Шпанците, Италијанците, Јапонците...
-Французите го сакаат нашето гравче-тавче, сакаат полнети пиперки, печени пиперки, сарми од лозов лист, сарми од расол. Сарми полнети во марамица, што не е ширден, туку мој специјалитет. Шпанците повеќе сакаат месо, но никогаш не им готвам храна која е карактеристична за нивната кујна. Навистина би било несоодветно на Италијанците да им зготвам шпагети, вели на шега нашата соговорничка.
Всушност, книгата со впечатоци многу зборува за гастрономските вештини и срдечното гостопримство на Сандра. Зборувајќи емотивно за она што напишале нејзините гости во таа книга, очите и’ се полнат со солзи.
„Мерси“-Благодариме за гостопримството и прекрасниот ручек, кој го цениме и се гледа дека е направен од срце и душа“, напишале италијански туристи, првите гости на Сандра на парче салфета. Во книгата со ракописи на различни јазици стотици туристи-гости на домот на Печалеви ги оставиле своите впечатоци, а ќерката на Сандра, Ивана кој по професија е преведувач, толкувач и зборува пет светски јазици, преведува од напишаното.
Всушност и приказната на Сандра е дел од проектот Balkan Prime Tours, или како што вели таа приказната за едно големо семејство. Balkan Prime Tours во 2007 година влегува во регионалниот проект на фирмата „Go Balkans“ и по одличните искуства на високо ниво што им ги нуди на повеќе од 30.000 туристи, сфаќаат дека е време за трансформација, за чекор понатаму.
-За нова филозофија, нешто поразлично, нешто подлабоко и незаборавно, нешто што е надвор од обичното искуство. Одговорен туризам подразбира одлуки кои ја поддржуваат долговечноста на туризмот на одредена локација, почитување на природната средина и подобрување на квалитетот на животот на локалните жители - одлуки кои влијаат врз сите нас. Тоа значи разбирање на локалната култура и придонесување за зачувување на природното опкружување, е меѓудругото идејата на проектот во кој Сандра Печалева го најде своето задоволство благодарение на ангажманот на нејзината ќерка Ивана.