АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Шпанската актерка Роси де Палма, муза на славниот режисер Педро Алмодовар, пристигна во Битоа и денес се појави на снимањето на филмот од белгиско-француско-македонска копродукција „Сирена во Париз“ што се одвива во Битолската клиничка болница. Де Палма на снимањето во Битола останува два дена. Taa е вклучена во сцени кои се снимаат во лифтот, низ ходниците и низ други простории во болницата.
Од филмската екипа од Битола која е вклучена во проектот велат дека иако е голема филмска ѕвезда, воопшто не е вообразена, туку се однесува многу природно, па без проблем можеле да се фотографираат со неа.
„Во Клиничката болница во Битола снимаме од понеделникот, па сѐ до утре. Филмот се снима низ оделенијата и пред болницата. Одлуката падна филмот да се снима во оваа установа поради коректноста на менаџерскиот тим и на вработениот персонал. Ги поминавме скоро сите болници во земјава, но одлуката падна да биде тука снимањето. Француските филмаџии лани имаа многу позитивно искуство со снимање филм во земјава и затоа повторно се вратија, задоволни се од соработката со локалниот сервис“, рече Вања Георгиевски, локален менаџер за локации.
На снимањето во Битола учествуваат актерите Лабина Митевска, Роман Борaнжи, Алексис Михалик, Никола Авине, Лара Бејер и други. На снимањето во Битола не доаѓа францускиот актер и поранешен фудбалер на Манчестер јунајтед Ерик Кантона, кој ќе дојде само на снимањето во Скопје.
Инаку, дејството на филмот се случува во Париз. Поради обилните врнежи се случуваат големи поплави на Сена и мистериозни исчезнувања. Една ноќ Гаспар Снег, меланхоличен музичар, е привлечен од волшебен глас на ранета, но убава млада сирена. Решен да ја спаси, Гаспар не знае дека ќе започне со големи авантури, кои преку моќта на љубовта и музиката, може да го поправат неговото скршено срце. Сирената во филмот на секој што ќе се вљуби во неа му го крши срцето и тој умира. Но, Гаспар и онака има скршено срце, па не стравува да се вљуби во неа.
Ќе се снима и во студио во Скопје каде е направен брод на кого ќе бидат сирената и морнарите. Потоа филмаџиите ќе се префрлат во Франција.
Продуцент од македонска страна е „Сестри и брат Митевски“.
Во Битола деновиве се како да е во знак на режисерот Педро Алмодовар. Покрај доаѓањето на неговата муза да снима во Битола, следната недела фестивалот „Браќа Манаки“ се отвора со неговото ново филмско ремек-дело „Болка и слава“, што организаторите на фестивалот го сметаат за морален победник на годинешниот фестивал во Кан. Воедно на Фестивалот на филмска камера во Битола ќе приуствува и реномираниот шпански кинематографер и прв пријател на режисерот Педро Алмодовар, Хозе Луис Алкаине.