АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Претставници на Сојузот на борците од Битола, Организацијата на Македонците-потомци од Егејскиот дел на Македонија, Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, членови на Советот, денеска ја одбележаа 75 годишнината од формирањето на Првата народноослободителна ударна бригара од Егејска Македонија
Тие положија цвеќе и се поклонија пред спомен плочата на чешмата кај згардата на Противпожарната единица, која е поставена во 1984 година
Пред присутните, претседателот на ОО на Сојузот на борци, Александар Трајковски, говореше за формирањето на бригадата и нејзините актвности, а се обрати и градоначалничката Наташа Петровска.
-Живееме како Македонциво сопствена држава, благодарение на сите влогови на нашите предци. Токму тука припаѓаат и оние кои учествувале во оваа бригада, заради кои се наоѓаме овде, во одбележување на 75 годишнината од нејзиното формирање. Во оваа прилика сакам да им укажам слава и голема благодарност, затоа што ние денес се наоѓаме овде, благодарение на нив“ рече Петровска
Е.М.
НА ДЕНЕШЕН ДЕН ФОРМИРАНА Е ЕГЕЈСКАТА БРИГАДА
На 18 ноември 1944 година, во Битола е формирана Првата народноослободителна ударна бригада од Егејска Македонија, попозната како Егејска бригада. По тој повод, пред зградата на општинските и обласните власти во Битола, се одржала свеченост на која се одржале пригодни говори ѝ било предадено военото знаме на Бригадата.
Штабот на бригадата го сочинуваа Илија Димовски-Гоче командант, негов заменик Наум Пејов, политички комесар, Михаил Керамитчиев и заменик комесар Вангел Ајановски-Оче. Во време на формирањето, бригадата броела над две илјади борци, распоредени во четири баталјони. Нивниот команден состав го сочинувале: во Првиот (Костурски) баталјон: Сотир Андоновски командант, Благој Даскаловски негов заменик, Вангел Манговски политички комесар, Спиро Лазаревски негов заменик; во Вториот (Лерински) баталјон: Димитар Тупурковски командант, Левтер Олевски негов заменик, Никола Шишковски политички комесар, Коста Малиновски негов заменик, Михајло Попов началник; во Третиот (Воденски) баталјон: Ристо Кордалов командант, Методи Биков негов заменик, Горги Јаков политички комесар, Динко Делевски негов заменик; во Четвртиот баталјон за тешко оружје: Милтијади Попниколов командант, Пандо Марковски негов заменик, Аргир Кузевски политички комесар, Ване Шишковски негов заменик.
Во Петтиот баталјон составен од Македонци од Егејска Македонија што пристигнале од Бугарија заедно со бригадата „Гоце Делчев“, командант бил Костадин Смилевски, негов заменик Пандо Пинзов, а политички комесар Атанас Ашлаков. Приливот на нови борци, особено по договорот во Варкиза, овозможил наскоро да се формира и Шестиот баталјон.
На 3 јануари 1945 г. Бригадата во целост била прекомандувана во Гостивар и Тетово и учествувала во ликвидирањето на балистичките банди кои, сè уште дејствувале во овие реони. Во почетокот на март 1945 година, Бригадата била стационирана во Битола и Гевгелија, а заради разни меѓународни импликации во врска со Грција и тамошната ситуација, со наредба бр. 236 од 2 април 1945 г. на Главниот Штаб на НОВ на Македонија, Бригадата била расформирана, а нејзиниот боречки состав распореден во други единици.
Нешто подоцна, најголемиот дел од борците на Бригадата се вратиле во Егејскиот дел на Македонија и ги создале првите одреди на Народноослободителниот фронт (НОФ), а подоцна станале борци во единиците на Демократската армија на Грција, каде повторно покажале огромна пожртвуваност во борбата за национални и социјални права и слободи.
подготвил д-р Александар Литовски, историчар