На денешен ден родена е Лилјана Чаловска

Декември 03, 2020

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 3 ДЕКЕМВРИ

Вo 1920 г. во Софија, Бугарија е родена Лилјана Ахилова ЧАЛОВСКА,припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија, новинар, политичар, општественик и поетеса.Член на СКОЈ од 1939 и на КПЈ од 1940 година, еден од лидерите на македонското студентско движење на Белградскиот универзитет и курир на ЦК на КПЈ на релацијата Белград-Загреб.

Непосредно по Априлската војна 1941 година стана член на Месниот комитет на КПЈ во Битола, а потоа и член на ПК на СКОЈ за Македонија во септември 1941 година, претседател на Младинскиот одбор за Македонија септември 1942 година, инструктор на ПК на КПЈ за Македонија за организациите на СКОЈ, ги одржуваше врските со ЦК на КПЈ и беше активист на Агит-проп на ПК на КПЈ за Македонија. Уапсена од бугарската полиција и интернирана (1943), но успеа да избега и да замине на слободната територија во Западна Македонија, во базата на Главниот птаб на НОВ и ПОМ во с. Турје, Дебарца.

Член на Иницијативниот одбор за свикување на Првиот конгрес на НОМСМ во село Фуштани, 22 декември 1943 година и заедно со Крсте Црвенковски ги подготви конгресните документи. Избрана за член на Главниот одбор на НОМСМ.

По Конгресот замина со Групата баталјони и по Февруарскиот поход, како член на Редакцијата, на пл. Козјак учествуваше во подготовката на првиот број на в. „Млад борец" на 22 март 1944 година. Член на Централниот одбор на УСАОЈ, а како новоизбран секретар на ПК на СКОЈ јули - ноември 1944 година, беше кооптирана и за член на ЦК на КПМ. Избрана за делегат за Второто заседание на АВНОЈ, а како делегат на Првото заседание на АСНОМ беше избрана за член на Президиумот на АСНОМ на 2 август 1944 година.

По Ослободувањето е избрана за член на првиот Главен одбор на АФЖ за Македонија на 15 декември 1944 година.

Ја заврши Вишата политичка школа „Ѓуро Ѓаковиќ“ во Белград. Уредник на дневниот в. „Борба“ (Белград), пратеник во повеќе свикувања во Собранието на СРМ и во Собранието на СФРЈ, член на ДПМ од 1967 година и член на Советот на Федерацијата од 1974 година.

Носител е на Партизанска споменица 1941. Почина во Скопје на 20 јули 1997 година

Подготвил: д-р Александар Литовски, историчар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани