Академијата за боречки вештини "ЗА-НЕД-ДО" од Битола која е официјален претставник при [WFMC] Светскиот совет за боречки спортови и вештини за Република Македонија во периодот од 9-ти до 10-ти Март 2018 година зеде учество на првиот Балкански шампионат кој се одржа во Брчко, Федерација Босна и Херцеговина.
На настанот од големо значење во светот на боречките спортови и вештини Македонија ја претставуваа 23 спортисти кои одбележаа успех со освојување на 34 медали од кои 25 златни, 7 сребрени и 2 бронзени.
Доминираа борбите од боречките спортови и вештини особено во Кик Бокс како и демонстациите во самоодбрана.
На настанот учество зедоа над 400 натпреварувачи од сите земји поранешни членки на Федерацијата Југославија како и Република Словачка и Република Унгарија.
Пред почетокот на Балканскиот шампионат од страна на стручниот совет на Светската организација претседателот на истата за Република Македонија, Златко Неделковски беше именуван и за претседател при Светската организација за регионот на Балканот кој брои 12 земји членки.
"Прво нешто што сакам да истакнам е дека ова е собир на стари пријатели и светски професионалци во светот на Кик Боксот и воопшто во боречките спортови и вештини со кои пред 35 години настапувавме под исто знаме а кои денес ни се достојни противници. Ова е збирот на оние мајстори кои ги донесоа боречките спортови и вештини на Балканот. Тоа ми дава за право по подолго време да изразам надеж дека полека но сигурно коцките во спортот полека започнуваат да се враќаат на своите вистински вредности и дека се повеќе ќе се имуни на општествените појави на политиканство, лаги и манипулации.
Второ ми е повеќе обврска и мисија па потоа чест што светскиот совет за боречки спортови и вештини ме именува за регионален претседател за земјите членки од Балканот. И тука работите се враќаат во нормала па се цени она што отсекогаш се ценело во нашиот спорт, искуството, професионализмот, резултатите и титулата која ни стои пред името а која ги содржи сите нив. Таа почит исто така низ годините имаше изместени поими за вреднување.
Она што пак лично ми е мило е што Република Македонија со својот тим, иако мала држава повторно успеа да постигне огромен успех па на крај и да добие посебно признание со кое официјално е прва по успех на Балканскиот шампионат. Како и секогаш така и сега сакам да истакнам дека колку успесите се поголеми толку е поголема одговорноста да ги оправдаме на следните настани од било кој калибар и воедно би сакал да искажам лична благодарност до оние кои прво сакаа а потоа и успеаја да ни помогнат да земеме учество на овој настан. Искрените пријатели денес се реткост." - истакна Grandmaster Златко Неделковски - шеф на Македонската делегација и претседател на светската организација за Балканот.