Битола, бабам, Битола

Септември 27, 2017

Познато е дека Битола е најопеан град, а битолчани се горди на овој епитет. Битола била инспирација за многумина, за неа испеани се многу песни, некои со антологиски вредности. Меѓу нив, покрај познатата „Битола мој роден крај“ на авторот Ајри Демировски, секако се вбројува и народната песна „Битола, бабам, Битола“.

Кога и како настанала оваа песна, нема многу податоци, но професорот Филип Каваев, во книгата „Битола, бабам, Битола“, собрал народни песни во кои се споменува Битола, а има и речник на стари, туѓи, непознати и малку познати зборови и изрази, наведува дека буквален превод на зборот бабам е татко мој, но преносното знчење е нешто супериорно, извонредно, со најубави одлики и осбини, единствено, недостижно.

Битола, бабам Битола
таму се живот живее.
Таму се живот живее,
таму се јаде и пие.

Битола, мајска природа,
Битола рајска градина,
со лични моми убави,
на лице бели црвени.

Битола бабам Битола,
кој ми те тебе проколна?
Да раѓаш моми убави,
да горат сите беќари.

Во една статија, пак, објавена на интернет, се наведува дека меѓу големиот број песни испеани за Битола, само една носи лична порака, односно авторот, за кој се претпоставува дека попатно минал низ Битола, му праќа абер на својот татко, каков град е, што има во него, објаснувајќи ги низ песна воодушевувањето и чувствата, а насловот „Битола, бабам, Битола“ се толкува преку буквалното значење на зборот бабам, односно, „Битола, татко мој, Битола“

„Така нашиот непознат текстописец, на својот таткто му ја опејува Битола. И многумина денес ја препеале песната, ја модифицирале дури и за концертно и хорско пеење. Иако песната доживеала многу препеви, дури и измени, трите строфи никогаш не се промениле“ се вели во една од ретките статии за оваа убава песна за Битола.

Професорот Кавев  во книгата со собрани песни за Битола, издадена 1969 година , вели „не се знае кога е содзадена првата народна песна за Битола, но со сигурост може да се рече дека народни песни за Битола се творат и денес, а ќе се творат се додека постои Битола и живее нашиот народ, секогаш расположен за песна и пеење“

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани