АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Фустани по европска мода со шлеп здолништа изработени од свила, атлас, кадифе, со чипка, тантела се носеле од Париз, Виена или Солун за поимашливите битолчанки. Според гордеробата што ја носеле некои од нив, наликувале на парижанки кон крајот на 19 и почетокот на 20 век.
Дека тоа не се приказни, доказ е оригиналната и ретка збирка на градски костими зачувана во битолскиот Завод и музеј. Облеката стара повеќе од еден век донирана и откупена од стари битолски семејства над две децении грижливо ја чува и промовира пред македонската, но и европската јавност етнологот Наде Геневска Брачиќ, советник кустос во музејот.
-Во нашата збирка има 150 поединечни парчиња облека од три главни стила: ала-турка, односно ориенталното влијание, ала- франга или западно–европското влијание и локалниот градски костим кој ја прставува типичната градска македонска облека- вели Геневска Брачиќ.
Од ала- турката главно се зачувани копорани, односно машка облека извезена со гајтани, срма и ракави кои висат. Од локалниот тип на облека ќурчиски изработки поставени со крзно, најчесто џубина. Ако биле за млада жена се изработувале од богат материјал за тоа време- атлас , свилена материја, поставена со крзно од лисица додека за постара жена посекојдневно од црна чоја поставена со јагнешка кожа. Кај мажите тоа биле долги палта -ќуркови. Но, под влијание на конзулите и богатите трговци, Битола од другите македонска градови најрано ја прифатила евроспката мода.
-Ала- франгата е од европското влијание, мода што во тој период била типична за Париз, Лондон, Виена. Ја прифајќале младите луѓе, трговците и оние кои имале можност да се школуваат во странство .Од ала- франгата во нашиот музеј зачувани се женски фустани, во задниот дел малку подолги, се влечат, тоа е шлеп. Горните блузи се со високо закопчување на вратот, со ракави кои во горниот дел се широки, а надолу се стеснуваат. Иработени се од свила, атлас, кадифе, со чипка, тантела, кои биле носени или од Виена или од Париз или од Солун –додава Геневска Брачиќ.
Жените на глава носеле „шкепа“ украсена со игла според која можела да се одреди нивната социјално-економската положба. Како што се менувал начинот на облекување така се менувале и занаетите во битолската чаршија. Оние занаетчии кои повеќе изработувале џубиња и ги украсувале со срмени гајтани, од терзии преминале во френк терзии и шијале облеки според европската мода. Папуџиите станале кондураџии и изработувале чевли.
-Биле модерни зашто во градот во тој период таква била и организираноста. Самото тоа што во Битола била концентрирана голема турска армија, конзуларни преставништва, агенции придонесувало луѓето побрзо да бидат отворени за восприемање на различни влијанија и да бидат поблису до прифајќањето на модата. Не само во облекувањето, туку и во изградбата на архитектура и ентериерното опремување на куќите. Имало случај битолски трговец за роденденот на својата ќерка директно од Виена да и порача клавир- додава етнологот.
Облека од семејствата Хололчев, Сирвини, Исмаил ...
Во збирката зачувани е облека од познати битолски семејства. На пример, реденгот од познатиот професор инженер Крум Хололчев . Потоа, облека од богатиот битолчанец Атанас Атанасијевиќ кој живеел во куќата каде денес е сместен грчкиот конзулат. Венчаница од свила украсена со чипка, драг семеен спомен на турското семејство Исмаил кое кога се преселувало од Битола ја предало во Музејот. Откупена е и облека од семејството Сирвини.
Збирката заслужува самостојна поставка
Дури и изложбата на градските костими веќе создаде своја историја. За првпат беа изложени во Битола во 1995 година, а потоа ја прошетаа Европа, беа презентирани во Полска, Франција, Бугарија и низ други држави. Интересот не спласнуваше, па беа испечатени и фотогрфии, разгледници, каталози. Денес дел од костимите се изложани во склоп на постојаната поставка во музејот заедно со други артефакти од целокупната историја на Битола. Но, тие со својата оригиналност и печатот што го носат заслужуваат да добијат простор каде самостојно и како целина ќе бидат изложени.