АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Рецензираме пост на Фејсбук во кој што е изнесена дезинформација дека производителите на вакцини признале неефикасност на нивните вакцини против новите мутации на коронавирусот, односно новите варијанти.
… глуми компетентен да коментира за ефикасноста на вакцините за новите мутации, кога оние што ги произвеле вакцините признаваат дека не се ефикасни за новите мутации…, се вели, меѓу другото, во постот во кој се критикува изјавата на министерот за здравство Венко Филипче, дека вакцините штитат од тешки последици на мутираните вируси.
Меѓутоа, вистината е дека вакцините штитат од новите мутации на коронавирусот.
Тоа го кажува и Светската здравствена организација и го покажуваат спроведените истражувања и научни студии. На први март годинава СЗО излезе со следното соопштение:
Сите вируси вклучително со сарс ков 2 вирусот, еволуираат со текот на времето. Кога вирусот се реплциира или прави копии од самиот себе, понекогаш се менува малку, што е нормално за вирус. Овие промени се викаат мутации. Вирус со една или повеќе нови мутации се вика варијанта на оригинален вирус. Вакцините се критична алатка во борбата против ковид-19 и има јасни јавно-здравствени бенефити да се користат. Не смее да ја одложуваме вакцинацијата или да не ја спроведуваме, само зашто сме загрижени за новите варијанти и мора да продолжиме со вакцинација дури и ако вакцините се малку помалку ефективни кон некои од ковид-19 варијациите. Мора да ги користиме и да ги подобруваме вакцините. Вакцините што се во развој или се одобрени, се очекува да обезбедат барем некаква заштита од новите мутации зашто иницираат широк имун одоговор кој вклучува антитела и клетки. Затоа, промените или мутациите на вирусот не трбе да ги направат вакцините комплетно неефективни. Во случај некоја од овие вакцини да не биде толку ефективна за една или повеќе варијанти, ЌЕ БИДЕ ВОЗМОЖНО да се смени нејзината композиција за да заштити од мутациите.
Најновите информации од научни истражувања, кои се понови 3 месеци од горенаведеното соопштение на СЗО, се децидни дека вакцините штитат од новите мутации на коронавирусот!
Така, вакцината на „Фајзер“ е многу ефективна против делта варијантата. Студија објавена во Public Health England (PHE) на 22 мај покажа дека две недели по втората доза, вакцината на „Фајзер“ овозможува заштита од 88 проценти и превенција од ковид-19, болест предизвикана од делта варијантата.
Истата студија покажала дека три недели по првата доза, ефективноста на Фајзеровата вакцина е само 33 проценти против делта варијантата, така што е многу битно да ја примите втората доза кога ќе ви биде понудена.
Фајзеровата вакцина е уште повеќе ефективна кога станува збор за превенирање сериозна болест предизвикана од делта варијантата! Студија на PHE ги разгледала болничките приеми меѓу 12 април и 4 јуни во Англија, и покажа дека фајзеровата вакцина е 96 проценти ефективна во превенција на хоспитализациите од делта варијантата после 2 дози и 94 проценти ефективна после 1 доза!
Вакцината на „АстраЗенека“, пак, е, исто така, ефективна против делта варијантата, ако ги примите двете дози. Студија на Public Health England (PHE), објавена на 22 мај, покажа дека две недели после втората доза вакцината на „АстраЗенека“ ефикасноста на оваа вакцина да заштити против делта варијантата е 60 проценти. После 3 недели од првата доза, нејзината ефективност против делта варијантата е 33 проценти.
Вакцината на „Астра Зенека“ е уште поефективна кога се работи за сериозна болест предизвикана од делта варијантата особено после 2 дози. Таа е 92 проценти ефективна во превенција на хоспитализација после 2 дози и 71 процент ефективна после една доза.
Токму оваа заштита од тежок ковид и хоспитализации е предмет на критика и спорење во постот што го рецензираме. СЗО, исто така, официјално тврди дека сите вакцини кои се одобрени за користење во САД и во Европа штитат од мутациите на коронавирусот.
Регионалниот директор на СЗО Европа, Ханс Клуге на прес конференција на 21 мај 2021 година рече:
Сите варијации на ковид-19 кои се појавија досега одговараат на сега достапните и одобрени вакцини. Иако, некои луѓе не се вакцинирани, сите варијанти може да се контролираат со јавно здравствени мерки како носење маска и социјална дистанца.
Тврдењето дека самите производители на вакцините изјавиле дека тие не се ефикасни против индискиот сој и мутациите на коронавирусот, го оценуваме како невистинито. Точно е дека новите мутации ја намалуваат ефективноста на вакцината после ПРВАТА ДОЗА, меѓутоа не е точно дека нема никаква ефективност. Затоа уште поважно е да се примат две дози од вакцината после кои ефикасноста од инфекција значително расте, речиси 88 проценти. А што се однесува до тешките последици од смрт и хоспитализации, вакцините обезбедуваат уште поголема заштита од нив.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар