АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пост на Фејсбук шири дезинформации дека вакцините против ковид-19 содржат „живи паразитски агенси“ слични на слатководниот полип хидра вулгарис кој постојано се регенерира. Ваквите тврдења се неосновани, производителите на вакцини се децидни дека вакцините не содржат живи организми.
ИСТРАЖУВАЧИТЕ ШОКИРАНИ
На д-р Мадеј и се придружи Питерс за да разговараат за шокантните наоди за вијалата со вак*цина испитана на американска почва, од микроскоп со бело светло. Имаше метални фрагменти, чудни синтетички предмети кои сами се склопуваат и некои влакна како моргелон. Имаше суштество со пипала што се движеше на стаклен тобоган што изгледаше како да е самосвесно. Хидра вулгарис? Д-р Мадеј, исто така, разговараше за суштеството со д-р Лери П, се вели во постот кој го анализираме.
Постот се повикува на видео во кое се изнесени наводи на жена претставена како „д-р Кери Мадеј“ која тврди дека ги анализирала шишенцата со вакцините „Џонсон и Џонсон“ и „Фајзер“ под микроскоп. Мадеј на својата веб-страница се опишува себеси како остеопат која сега го посветува своето време на „едуцирање на другите за вакцините, нанотехнологијата и човековите права“.
Во видеото, Мадеј прикажува фотографии кои наводно покажуваат дека во вакцините против ковид-19 има подвижни честички, тврдејќи дека тоа се живи паразитски микроорганизми слични на хидра вулгарис, слатководен полип кој постојано се регенерира.
Мадеј сугерира дека организмите може да се размножуваат и да формираат независни невронски мрежи во оние кои примиле вакцина против ковид-19 кои на крајот би можеле да влијаат на нивните мисли и постапки.
Ако овие организми можеа да продолжат да растат затоа што очигледно се наоѓаат во вијалите, ако можат да продолжат да растат во тело, ајде да претпоставиме дека тие можат да направат своја нервна мрежа, надвор од твоето тело. Ова не е добро, тоа значи сопствен комуникациски систем, вели д-р Мадеј.
Хидра вулгарис е полип кој живее во слатки води, мало животинско слатководно водородче со должина од 10 мм до 30 мм и ширина околу 1 мм кое има способност постојано да се регенерира.
Хидра вулгарис е слатководно животно поврзано со медуза. Тоа не е некое манијакално чудовиште што го контролира мозокот – ова е глупост и не вреди ниту да се размислува за тоа. Не е можно вакцините да содржат живи паразитски агенси. Ова е произволно тврдење и ги игнорира чекорите за стерилизација што се на место, изјавил за „Ројтерс“ д-р Амеш Адаља, постар научник од Центарот за здравствена безбедност „Џон Хопкинс“.
Тој додал дека не е можно да се каже какви се фотографиите прикажани во видеото, или дали супстанците биле додадени во вијалите по производството, имајќи предвид дека анализата не била контролирана научна студија за да се утврди контаминација.
Џером Мартин, коосновач на Опсерваторијата за транспарентност на политиките за лекови (l’Observatoire de la transparence dans les politiques du medicament), во изјава за „Обсерверс Франс 24“ вели дека би било невозможно паразити или кое било друго живо суштество, да постојат во вакцината против ковид-19.
Водата и другите течности во вакцината се прочистуваат под строги услови, што спречува какви било паразити или други живи организми во вакцината, изјавил Мартин за тимот „Обсерверс Франс 24“.
Вирџинија Сереин, истражувач во француската лабораторија CEMES (Centre d’Élaboration de Matériaux et d’Études Structurales) и генерален секретар на Европското здружение за микроскопија (EMS), вели дека фотографиите кои во видеото ги прикажува Мадеј „на никаков начин не се научен доказ“. Според неа, набљудувањето на Мадеј на таканаречените паразити не било правилно спроведено на научен начин.
Тоа не беше спроведено на ниска температура, со научна процедура и контролирана средина. Така, организмот на сликата може да биде речиси сè, вели Сереин за „Обсерверс Франс 24“.
Од компанијата „Џонсон и Џонсон“ во изјава за „Ројтерс“, тврдењата на Мадеј ги оцениле како дезинформации. Од компанијата посочуваат дека сите состојки на нејзината вакцина против ковид-19 се јавно достапни преку Националниот институт за здравје (NIH).
Заедно со неактивните состојки, вакцината против ковид-19 Џонсон и Џонсон ја содржи активната состојка Ad26.COV2.S, вирусен генетски материјал кој не може да се копира сам, изјавиле од компанијата за Ројтерс.
Од Фајзер, исто така, во изјава за „Ројтерс“ потврдуваат дека нивната вакцина против ковид-19 не содржи никакви вирусни честички или живи компоненти. Станува збор за синтетичка мРНА вакцина од која целосниот список на состојки може да се најде на веб-страницата на Управата за храна и лекови (ФДА) на САД.
Состојките на вакцините кои се достапни во Северна Македонија, исто така, се јавно објавени и можат да се најдат на веб-страницата „ковид19вакцинација.мк“.
Од сето ова можеме да заклучиме дека овластените и одобрени вакцини против ковид-19 на компаниите „Фајзер“ и „Џонсон и Џонсон“ не содржат живи паразитски агенси кои можат да се размножуваат и да градат невронски мрежи. Според тоа, постот го оценуваме како невистинит.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар