АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
ВЕТУВАЊЕ: Изградба на ново основно училиште во населеното место Визбегово, во Општина Бутел
[Извор: Фејсбук профил на Дарко Костовски, градоначалник на Општина Бутел , Датум: 11.10.2021 г.]
За време на предизборната кампања за локалните избори кои се одржаа на 17 октомври минатата година, градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски вети изградба на ново основно училиште во Визбегово. Реализацијата на ова негово ветување е во тек.
Гарантираме за населеното место Визбегово дека ќе добие ново модерно основно училиште со што ќе се надмине деценискиот проблем! Борбата за нашите деца е најважната борба во нашите животи!, изјави за време на кампањата Костовски.
Воведот во работа за ново општинско основно училиште во Визбегово, градоначалникот Костовски го потпиша на 30.12.2021 година.
Направивме увид на градежната парцела каде наскоро започнуваме со градежни активности и поставување на камен темелник. Како Општина Бутел во најбрз рок ќе ги обезбедиме сите потребни работи за непречено одвивање на градежните активности. Инвестицијата во општинското основното училиште е во вредност од 106 509 812,00 денари и ова училиште ќе има капацитет за над 500 ученици. Конечно овој проблем ќе биде решен и во учебната година 2023/2024 ќе имаме ново општинско основно училиште!, напиша Костовски на Фејсбук
На 12.01.2022 година, почнаа градежните активности за изградба на новото училиште во Визбегово. Градоначалникот Костовски, придружуван од министерката за образование, Мила Царовска, истакна дека со овој проект се решава еден од покрупните проблеми во Oпштината, не само во населеното место Визбегово. Toј напомена дека е многу важно децата да не патуваат по неколку километри до училиште, туку да учат во местото на живеење.
Уште во 2014 година кога бев советник во Општина Бутел почна овој процес. Навистина долго траеше, но важно е што денес проектот почнува. Се надевам дека соработката со сите инволвирани во овој проект ќе биде на врвно ниво. Општина Бутел ќе се залага за максимална поддршка на се што е поврзано со овој проект, како и на целосната инфраструктура поврзана со него, пристапните патишта до училиштето, водовод итн, рече Костовски.
Министерката Царовска, пак, посочи дека за период од 18 месеци „треба да заѕвонат ѕвончињата и учениците да влезат во училиштето и да седнат во училишните клупи“.
Секоја инвестиција во образование треба да ја гледаме како инвестиција во државата – изјави Царовска.
Веста за стартот на градежните активности беше објавена и на Фејсбук страницата на градоначалникот на Бутел, Костовски.
Инаку, пред една година на предлог на Министерството за образование и наука Владата, на седница која се одржа на 16.01.2021 година, ги усвои програмите за изградба и реконструкција на основни и средни училишта за 2021 година. Информацијата тогаш ја споделија првиот вицепремиер Артан Груби и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи кои на социјалните мрежи објавија дека конечно ќе се гради училиште во Визбегово.
Имајќи предвид дека започна изградбата на новото училиште во Визбегово и на терен има градежни активности, ветувањето на градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски во моментот има оценка „во тек“.
„Вистиномер“ повторно ќе се наврати на ова негово ветување, со цел да видиме како се одвива неговата реализација и кога вратите на училиштето ќе бидат отворени за учениците.
Оцени: Ана Анастасовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар