АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пост на Фејсбук шири дезинформации дека доколку примите вакцина против ковид-19, ќе се разболите од вирусот САРС Ков2. Ова не е точно.
Немавте „ковид“? Нема проблем. Боцнете се, ќе го добиете, се вели во постот кој го анализираме.
Мит е дека вакцинирањето против ковид-19 може да ве разболи од коронавирус и тоа јасно е посочено на официјалната веб-страница на Министерството за здравство посветена на ковид-19 вакцинацијата.
Вакцината не содржи никаков жив или активен дел од вирусот ковид-19. Нема да предизвика позитивен тест со кој се тестира активна инфекција со ковид-19. Некои луѓе кои примиле вакцина пријавиле лесни до умерени несакани ефекти, вклучувајќи болка на местото на инјектирање, замор, главоболка и болка во мускулите. Не секој добива несакани ефекти. Но, ако добие, тие се нормални и знак дека вашето тело ја гради својата одбрана од вирусот, објаснуваат здравствените власти.
Дека вакцината не заразува со ковид-19, туку го учи нашиот имунолошки систем како да го препознае и да се бори против вирусот тврди и Центарот за контрола и превенција на болести на САД.
Вакцините против ковид-19 го учат нашиот имунолошки систем како да го препознае и да се бори против вирусот што предизвикува ковид-19. Понекогаш овој процес може да предизвика симптоми, како што е треска. Овие симптоми се нормални и се знаци дека телото гради заштита од вирусот што предизвикува ковид-19, пишува на страницата на ЦДЦ.
Коронавирусот е респираторен вирус кој примарно се пренесува преку контакт со заболено лице, односно преку неговите респираторни секрети кои се распрскуваат во вид на ситни капки кога заразениот кашла и кива, преку плунка или течење од носот. Вакцината против ковид-19 никако не може да ве зарази со коронавирус. Факт е дека вакцината штити од разболување со коронавирусот и од тешки хоспитализации и смртен исход, а тоа го покажува и статистиката во С. Македонија.
Како што објави Министерството за здравство, во период од 6 август 2021 година до 13 јануари 2022 година, на целата територија на државата, 85.593 граѓани биле позитивни од тестирани на ковид-19. Од нив 37 отсто биле целосно вакцинирани, односно 32.079 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со ковид-19. Според статистиката за изминативе месеци, 53.514 граѓани, односно 63 отсто од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани, се наведува во анализата што ја објави Министерството за здравство.
Според извештаите од болниците моментално се хоспитализирани 340 лица, a од нив 19 отсто се вакцинирани, 81 отсто не се вакцинирани. Изминативе неколку недели, притисокот врз болниците е намален што се однесува до хоспитализациите, но зголемени се амбулантските прегледи, кои се движат и до стотина пациенти на ден, од болница. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од 6 август 2021 до 13 јануари 2022 година, 78 отсто од починатите лица со ковид, биле невакцинирани, а само 22 отсто примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, стои во соопштението на Министерството за здравство.
Имајќи го предвид сето ова, тврдењето во постот дека преку вакцината може да се заразите со ковид-19, го оценуваме како неточно.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар