АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пишува: Горан Лефков
Правосудниот систем во земјава е пред сериозни реформи. Имаме најмногу судии во Европа, имаме најмноги судови, но зошто не сме лидери според правораздавањето?
Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права смета дека во моментот не може да се даде соодветен одговор за бројот на судии. Според стандардите на Европската Унија, бројот на судии во однос на бројот на население кај нас е голем.
Министерството за правда требаше да направи анализа за бројот на потребни судии во системот. Има некои судови коишто немаат предмети, други судови имаат многу предмети, и избалансираноста е проблематична. Нешто се обидуваа да направат со тоа што дел од овие судови што не се толку оптоварени земаа некои предмети да ги решаваат, меѓутоа, сето тоа е привремено. Прашање е колку таа распределба е организирана да доведе до еден квалитет, смета Цаца Николовска.
Таа додава дека треба да се направи и соодветна распределба на предмети, а за судовите со намалена надлежност да се направат соодветни едукативни подготовки. Потоа треба да се оди со пополнување на местата со кадри од Академијата за судии и обвинители.
Искра Опетческа, новинарка која добро го познава судскиот систем во Северна Македонија, пред 2 години го истражуваше и споредуваше нашиот со Естонскиот судски систем.
На 1.31 милиони жители Естонија има девет судови со 242 судии. Во првостепените судови се вработени 153 судии. Македонија со нешто над 2 милиона жители и тоа само на хартија, бидејќи реалните проценки се дека во земјата живеат далеку помал број луѓе, има дури 34 судови со четири судски одделенија и околу 540 активни судии заклучно со крајот на 2017 година, вели Опетческа.
Таа додава дека бројот на судиите и на судовите не е пресуден за поголема превда.
Со 24,37 судии (податоци за 2019 година) на 100.000 жители, Република Северна Македонија има поголем број судии по глава на жител од просекот на Европската комисија за ефикасност на правдата (ЦЕПЕЈ) од 21,5 (Извештај на ЦЕПЕЈ за 2016 година).
Во Стратегијата на човечките ресурси во судската мрежа (стр.20), објавена во септември 2020 година, а финансирана од Европската Унија, се наведува дека тековната систематизација на судската мрежа за судиите во сите степени на судовите и за сите видови судови определува 636 судиски позиции и останува постојана во текот на периодот 2016-2019 година, за кој се анализирани податоците.
Ова се наведува и во Извештајот за напредок на Северна Македонија кон ЕУ за 2021 година:
На крајот на 2020 година имало 493 судии, (23 на 100.000 жители) од кои 61 отсто жени судии, како и 187 обвинители (девет на 100.000 жители), од кои 55 отсто биле жени. Во споредба со 2019 година, има мало намалување на бројот на судии и обвинители во 2020 година. Како суштинско прашање останува обезбедувањето соодветна процена на потребите од персонал, особено во службите во јавните обвинителства, врз основа на навременото спроведување на донесените стратегии за човечки ресурси за судовите и Јавните обвинителства.
Во овој Извештај, исто така, се наведува дека:
Според извештајот на Европската комисија за ефикасност на правдата (CEPEJ) спроведениот буџет на правосудниот систем за 2020 година изнесува 40 милиони евра, односно 19,5 евра по жител, што е помалку од просечниот износ за Западен Балкан од 37,8 евра.
Според EU Justice scoreboard за 2021 година, во графиконот 29, се дадени сумите што ги одвојуваат државите за правосудството. Така во регионот според парите издвоени во правосудството предначи Словенија со 100 евра по жител, Бугарија со издвоени околу 60 евра, Хрватска околу 50. Најмногу издвојува Луксембург 230 евра, после следува Германија со 150 евра по жител.
Буџетот на правосудниот систем (буџетот за судови, службите во јавните обвинителства и правната помош) е намален за 8,3 отсто од 2019 година. Ова создава сериозни проблеми во спроведување на реформите, а особено дигитализацијата на судовите.
Не можете странките да ги обврзувате, во време на дигитализација, да ви носат некои потврди од Катастар или вие како Суд, да немате обврска дирекно да влезете во информативните центри од Катастарот и да носите соодветни одлуки. Странките ги терате да одат во Катастар, па им одговараат не можете така, не можете вака самоиницијативно да побарате…
Судот тоа треба да го направи, Судот е обврзан да постапува операбилно, а таа операбилност не се овозможува. Во таа насока треба многу сериозно да се организира работата на Судството, Обвинителството, Полицијата и сите органи кои се поврзани со предмети, вели Цаца Николовска.
Дигитализацијата на судството веќе одамна ги дава плодовите во Естонија.
Судскиот информативен систем (КИС), е модерен систем за менаџирање со информации за естонските судови. Тој овозможува регистрација на судски случаи, сослушувања и пресуди, автоматско доделување случаи на судиите, објавување пресуди на службената интернет-страница и собирање метаподатоци. Во Естонија на пример, адвокатите не можат во недоглед да одложуваат судски случаи. Тоа е така затоа што тие со судот комуницираат исклучиво преку е-фајловите во кои се слеваат сите потребни документи за случајот што го води еден адвокат. Чувањето на тие документи во овој фајл има рок на траење по што сите документи се бришат и случајот се затвора. Затоа адвокатите мора на време да ги преземат сите потребни активности во врска со предметот што го застапуваат, вели Опетческа.
Недостатокот на информатички алатки и слабото ниво на спроведување на Дигиталната агенда во правосудството е нотирано и во Извештајот на ЕУ за Северна Македонија за 2021 година.
Спроведувањето на ИТ-стратегијата во правосудството сè уште главно се финансира од донатори. Првичните согледувања за дигитализација на сите 34 судови ќе бараат ангажирање дополнителен ИТ-персонал, што е задача предизвик поради неконкурентните плати што се нудат за такви работни задачи во јавниот сектор… Судиите допрва треба да ги добијат сите додатоци на платите додека барањата во судската администрација, вклучително и за напредување во кариерата, сè уште се во тек, се забележува во Извештајот.