2win800x200

Судството независно, ама само на хартија

Јануари 30, 2022

Иако се создадени законски предуслови за обезбедување независност на судството, сепак во пракса тоа тешко се спроведува. Анализата направена од Коалицијата „Сите за правично судење“, покажува  дека и покрај сите измени на законите во работењето на Судскиот совет, сѐ уште можат да се најдат слабости што ја доведуваат во прашање независноста во судството, особено при постапките за избор на нови судии или претседатели на судови, но и при разрешување на судиите или примена на дисциплинските мерки, се вели во Извештајот на „Метаморфозис“ за реформите во правосудството под наслов: „На правосудството му е потребна финансиска „бустер“ доза“

НЕЗАВИСНОСТА ЗАКОНСКИ ОБЕЗБЕДЕНА, ВО ПРАКСА СЀ УШТЕ ИМА СОМНЕВАЊА

Главното тежиште за обезбедување на независноста на судиите и обвинителите е дадено на врховните тела во двете области, а тоа се Судскиот совет (СС) и Советот на јавните обвинители (СЈО), кои како институции се воведени во правниот систем во 2006/7 година. Уставно и законски гледано, обезбедени се минимум гаранции, односно предуслови да се гарантира независноста во судството и обвинителството. На пример, со Законот за судовите , судиите во судовите ги избиира Судскиот совет и тоа врз база на повеќе критериуми, но на неограничен мандат, освен ако се исполнат условите за одземање на мандатот. Тоа може да се види и од законите за Судскиот совет и од Законот за Советот на јавните обвинители.

Независноста е виско потенцирана и од ЕУ во последниот Извештај на ЕК за напредокот на РСМ:

Важно е да се обезбеди дека правосудството е заштитено од каков било ризик или перцепција на несоодветно мешање однадвор. Здружението на судии и Судско-медиумскиот совет активно го промовираа јакнењето на транспарентноста како една од алатките за враќање на довербата на јавноста во правосудството.

Сепак, во пракса сѐ уште постојат прашања што ги доведуваат под знак прашалник функционалноста на законите и практичното обезбедување на независноста во судството и обвинителството. Последен таков случај во четвртиот квартал од годинава беше одлуката на Кривичниот совет од Апелациониот суд Скопје, за укинување на мерката физички притвор на поранешниот шеф на Управата за безбедност и разузнавање Сашо Мијалков, за еден од бројните предмети за кој е обвинет (за неколку е и осуден на повќегодишни затворски казни), при што како гаранција се приложени хипотеки на имоти во вредност од 11 милиони евра. На оваа одлука на Кривичниот совет во Апелациониот суд реагираше и министерот за правда во Владата на РСМ, што од медиумите и од дел од експертската јавност беше протолкувано како притисок врз судството. Истиот ден, обвинителката за друг предмет против споменатиот Мијалков, поднесе барање за одредување мерка притвор, кое до вечерта беше прифатено од Кривичниот совет на основниот суд каде што се води предметот. Ден потоа се огласи Судскиот совет на РСМ, кој потенцира дека судството е независно и по устав и по закон, а дека за предметот и интересот на јавноста интерно решава Судскиот совет доколку има потреба. На прв поглед СС со ова соопштение ги одбрани судиите што ја донеле одлуката, но остави можност да расправа дополнително за истата одлука. Сепак, нејаснотиите остануваат и околу тоа како министерот за правда знаел дека само двајца од тројцата судии во Кривичниот совет на Апелациониот суд гласале за ослободување од притворот, но и за тоа дека Судскиот совет нема надлежност во врска со оваа одлука, бидејќи одлуките на еден суд може да ги преиспитува само повисок суд, а не и Судскиот совет.

Ова е само еден од примерите, а постојат и други и тоа може да се види од перцепциите во јавноста (на пример, политичкиот договор меѓу владејачката партија и една помала партија од опозицијата за влез во Владата ), но и од истражувaњата и анализите што ги прават и граѓанските организации.

Едно такво истражување и анализа насочени кон оценувањето на независноста на судството и мерит системот во земјата е анализата направена од Коалицијата „Сите за правично судење“, од која може да се види дека и покрај сите измени на законите во работењето на Судскиот совет, сѐ уште можат да се најдат слабости што ја доведуваат во прашање независноста во судството, особено при постапките за избор на нови судии или претседатели на судови, но и при разрешување на судиите или примена на дисциплинските мерки. Токму прашањето на разрешување судии или нивна дисциплинска одговорност се актуализира во последните месеци. Судскиот совет веќе има донесено одлука за разрешување на повеќе судии за една и пол година, но следуваат преиспитувања на работата на над 30 судии, за што СС е во фаза на дооформување комисии за секој случај одделно, а меѓу судиите се еден од Врховниот суд и четворица од апелациските судови во Скопје и во Штип. Во рамките на мониторингот на работата на Судскиот совет и анализата на Коалицијата „Сите за правично судење“, беше спроведена и анкета со дваесетина судии, повеќето од најголемиот суд во државата – Кривичниот суд во Скопје, при што се дошло до заклучоци дека постои недоволна комуникација на Судскиот совет со судиите и со Здружението на судиите, недоволна транспарентност при носењето на одлуките на Судскиот совет кога станува збор за оценките за судиите, како за унапредување, така и за казнување, па и слабости во подзаконските акти што ги носи Советот за да решава за овие прашања. Генерално, од анкетата може да се заклучи дека судиите не му веруваат на Советот и не го чувствуваат како тело што може да ја штити нивната независност. Во еден дел од анализата врз база на интервјуата со судиите се наведува и следниот заклучок:

Поголемиот дел од судиите изјавија дека тие немаат целосна доверба во Судскиот совет и не сметаат дека тој е самостоен орган на судството кој е на страната на судиите, туку го доживуваат како далечен и изолиран орган, кој има единствена надлежност да избира и разрешува судии. Дополнителен проблем во оваа насока е што судиите немаат доверба во донесените одлуки на Советот, независно дали тие се однесуваат на избор или на разрешување на судии, па поради тоа потребно е да бидат креирани и посебни активности за унапредување на заемната доверба на судиите и Советот, како и на заемната запознаеност со реалните потреби и очекувања што ги имаат едни од друг.( стр.41)

Оваа недоверба во Судскиот совет уште повеќе се гледа од анкетата меѓу судиите кога станува збор за перцепциите за корупција во судството и надлежностите на Советот:

Повеќето судии, сепак, сметаат дека Судскиот совет нема ниту легитимитет ниту кредибилитет да презема активност за спречување корупција, поради тоа што сметаат дека најголемите проблеми со судирот на интереси и корупцијата се токму во самиот Совет. Во оваа насока судиите посочуваат дека најголемите ризици од корупција и судир на интерес се среќаваат во самите постапки за избор и разрешување на судиите, каде сè уште постојат сериозни политички влијанија… Во оваа смисла како најголеми ризици од појава на корупција во самиот Судски совет судиите ги посочуваат: политичкото влијание, особено за изборот на судии и изборот на судии во повисоките судови, судирот на интереси поради роднински или други лични блиски врски помеѓу членови на Судскиот совет и кандидати за избор за судија или судија во повисок суд, постоењето ризици од корупција преку нудење мито или услуги од самите кандидати со цел тие да бидат избрани, поврзувањето со власта или со политички или бизнис-елити со цел да се злоупотреби функцијата за незаконска корист и слично. Согласно ова, судиите сметаат дека најголемиот и најчестиот ризик од појава на корупција е токму во политичкото влијание и замешувањето на извршната власт во судската преку Судскиот совет. Според судиите, ова е најочигледно во постапките и одлуките за избор и разрешување судии, како и во одлуките за избор во повисокиот суд, за што како пример го посочуваат отсуството на образложенија за одлуките, како и отсуството на образложенија дадени на самите судии кои не се избрани. (стр.42 и 43).

Ова малку подолго цитирање на истражувањето е со цел да се потенцира гледањето на самите судии кон виталните прашања за независноста на судиите и на судството, како и влијанието на Судскиот совет за овие прашања. Како што може да се види, еден од проблемите самите судии го гледаат и во начинот на избор на членовите на Судскиот совет и токму за ова прашање беше дискутирано и со фокус-групата.

ДАЛИ НАЧИНОТ НА ИЗБОР СÈ УШТЕ КРИЕ ОПАСНОСТ ЗА НЕЗАВИСНОСТА

Изборот на членови во овие две клучни тела во судството и обвинителството е комбиниран, т.е. најголемиот број членови се избираат од редот на судиите и обвинителите, а помал дел избираат членовите на Собранието по предлог на партиите или претседателот на државата.

Ваквиот хибриден модел на избор на членови на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители од фокус-групата се оценува како генерално добар, затоа што со тоа се избегнува опасноста од елитизација на овие тела, односно дека со овој начин на избор се обезбедува баланс помеѓу претставници од професијата и претставници од граѓаните.

Сепак, во дел од фокус-групата, на пример, оценуваат дека има прашања што може подобро да се решат, како што е она дека при изборот на претседател на Судскиот совет може да бидат 9 номинирани само членови што се избрани од Собранието, а не и од професијата. Исто така, повторено е мислењето што може да се слушне и од експерти на јавни дебати, дека при изборот на членови надвор од судството или обвинителството, треба уште да се работи на што попрецизни дефиниции на условите, како што е тој дека кандидатот што треба да биде избран треба да биде „истакнат правник“. Засега единствено подобрување е што во таа дефиниција во законот кај изборот на членови на Судскиот совет и во Законот за Советот на јавни обвинители е додадено дека покрај тоа што треба да е „истакнат правник“, треба да има 15-годишно искуство во професионалното работење.


https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2021/09/ned-logo-768x180.png 768w, https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2021/09/ned-logo.png 873w" alt="" width="300" height="70" class="size-medium wp-image-106627 alignleft b-loaded" style="box-sizing: border-box; border: 0px; vertical-align: middle; max-width: 100%; height: auto; margin: 5px 20px 15px 0px; float: left;" />Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани