АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Кај судството главната законска основа за буџетирање е процентот од бруто домашниот производ на државата и тој процент со години изнесува 0,8 отсто. Но, исто така со години не се сменети работите, т.е. судството е сè уште далеку од оваа бројка. Во 2020 и 2021 година, според експертите во фокус-групата, финансирањето изнесувало околу 0,3 отсто од БДП.
Во 2021 година, според буџетот на РСМ, се бележи благо зголемување на бројките и кај судството и кај обвинителството, но тоа е сè уште далеку од законски загарантираните суми што треба да бидат издвоени за двете области. Впрочем, тоа се гледа и од Извештајот на ЕК за РСМ за 2021, каде што во делот за финансирањето на правосудството (Квалитет на правда, стр.23/24), е и следниот заклучок:
Според Европската комисија за ефикасност на правдата (CEPEJ), спроведениот буџет на правосудниот систем за 2020 година изнесува 40 милиони евра, односно 19,5 евра по жител, што е помалку од просечниот износ за Западен Балкан од 37,8 евра. Буџетот (буџетот за судови, службите во јавните обвинителства и правната помош) е намален за 8,3 отсто од 2019 година.
Проверувајќи ги подетално овие податоци, ги споредивме буџетите за судството и обвинителството во 2020 и 2021 година, како и проекцииите за 2022 година.
Со Законот за Јавно обвинителство веќе од 2020 година државата требаше да издвојува „најмалку 0.4 отсто од буџетот за тековната година“ и тоа беше позитивен исчекор, затоа што претходно буџетот се утврдуваше во директен договор и консултации помеѓу јавниот обвинител на државата и министерот за финансии, иако во членот 100 од Законот за ЈО сè уште стои оваа обврска, но само за дел од буџетот.
Ако се погледне буџетот на државата за 2021, каде што се наведени и бројките што биле издвоени и во 2020 година, ќе се види дека кај Јавното обвинителство имало благо зголемување во споредба со 2020 година. Тогаш на ЈО му биле доделени 558 милиони денари, а за 2021 година 568 милиони или 9,079 милиони евра за 2020, наспроти 9,25 милиони евра11 (за 2020 бројката е од Ребалансот на буџетот што е наведен во референцата). Уште едно дополнително зголемување е направено со ребалансот на буџетот за 2021 година од јули, така што ЈО на РСМ треба да ја заврши годината со 574,3 милиони денари или околу 9,4 милиони евра. На самата веб-страница на ЈО на РСМ во графата буџет, за 2020 година е прикажан вкупен одобрен буџет од околу 644 милиони денари или 10,4 милиони евра. Но, дури и оваа бројка да се земе за релевантна, тоа изнесува нешто помеѓу 0,2 и 0,3 отсто од расходите на буџетот на државата за споменатата година. Што значи, законската обврска сè уште не е исполнета од страна на државата.
Дополнително, ако се погледен структурата на тој буџет, ќе се види дека најголем дел оди за плати, а втората голема ставка е за договорни услуги. Така, ЈО главнината од буџетот – 394,5 милиони денари или 6,4 милиони евра, односно околу 70 отсто – ја троши за плати и надоместоци.
Овие различни податоци стануваат појасни ако се земе предвид Годишниот извештај на ЈО за 2020 година, објавен на веб-страницата на ЈО во графата буџет. Таму се наоѓаат сите објаснувања и како можат да се усогласат овие збунувачки различни бројки. Според финансискиот дел од извештајот, ЈО на РСМ за 2020 година барало 1,18 милијарда денари или околу 19 милиони евра, а им бил одобрен основен буџет од околу 644 милиони евра или околу 10,4 милиони евра, а заклучно со 31.12.2020 година државата префрлила 527 милиони денари или околу 9,3 милиони евра.
Во овој дел од извештајот самото ЈО предупредува дека главните долгови произлегуваат од заостанатите неплатени обврски од поранешното Специјално јавно обвинителство, како и долгови што произлегуваат од тековно водење кривични постапки (на годишно ниво тие трошоци, според ЈО, изнесуваат околу 150 милиони денари или околу 2,4 милиона евра). Оттаму, ЈО во Извештајот ја упатува и следнава драматична констатација:
Доколку на ова се додаде и фактот дека секоја наредна година овој недостаток на средства се зголемува поради долгот пренесен од претходните години, предвид горенаведеното, повеќе од очигледно е дека се доведува во прашање вршењето на функцијата на јавното обвинителство утврдена со Уставот и законите ( референца 8, стр.2).
Буџетот за 2022 година за ЈО е нешто зголемен и изнесува 662 милиони денари или 10,8 милиони евра. Ова е зголемување од над еден милиони евра во однос на одобрениот буџет за 2021 година, согласно ребалансот на буџетот од јули 2021 година.
Според документите за буџетите на РСМ за 2020 и 2021 година, Судската власт во 2020 имала 1,92 милијарда денари или 31,2 милион евра, а за 2021 има назначено 2.156 милијарди денари или 35,2 милиони евра, ако се сметаат и самофинансирачките активности и ребалансот за буџетот од 2021 г. Но, притоа, треба да се имаат предвид две работи.
Прво, во 2020 година судската власт два пати претрпела скратување на средствата, па од првичниот одобрен буџет од 2.163 милијарди денари или околу 35,2 милиони евра, на крајот завршиле со одобрени 1,9 милијарда денари или 31,2 милион евра.
Второ, законската одредба за финансирање на годишно ниво од 0,8 отсто од БДП е од 2010 година, со постепено зголемување од 2012 година, кога требало да изнесува 0,5 отсто, не било реализирано ниту 8 години подоцна во 2020 година! Ова го наведува самиот Судски буџетски совет во својот годишен Извештај за 2020 година.
Ова значи дека државата е сѐ уште далеку од сопствената законска обврска за финансирање во судството со 0,8 проценти од БДП. Ако се земе предвид дека БДП во 2019 година изнесувал околу 11,3 милијарди евра, судството е трипати пократко од законската обврска, односно во таа година би требало да биде финансирано со околу 90,4 милиони евра.
Треба да се има предвид дека судската власт при составувањето на буџетот била проактивна, па барала да добие 3,2 милијарди денари за 2020 година или околу 52 милиони евра, а завршила со доделени 31,3 милион евра (референца 9, стр.35).
Во 2021 г., според ребалансот на буџетот, на Судската власт ѝ биле доделени вкупно 2,047 милијарди денари или околу 33,2 милиони евра, а заедно со самофинансирачките активности имале на располагање околу 35 милиони евра.
Буџетот за Судската власт во 2022 година е зголемен и основните расходи од државната каса ќе изнесуваат 2,18 милијарди денари или околу 35,5 милиони евра, додека со самофинансирачките активности и донациите на судството ќе му бидат на располагање околу 37,7 милиони евра. Ова е зголемување од само 2,5 милиона евра (ако се земат предвид буџетските расходи и самофинасирањето и донациите), во однос на Буџетот од 2021 година.
И кај судската власт, како и кај системот на Јавното обвинителство, се наметнуваат заклучоците (впрочем овие институции и самите ги наведуваат во извештаите)дека буџетите не се развојни, дека три четвртини од буџетот на ЈО и повеќе од две третини од буџетот на судската власт се трошат за плати, дека со тоа не е возможно спроведувањето на реформите во двете области, кои подразбираат и подобрување на истрагите кај ЈО и подобрување на независноста и ефикасноста кај судската власт.
Доколку јавноста можеби помисли дека станува збор само за унапредување и имплементација на истражните центри/судска полиција кај ЈО или процесот на дигитализација кај судската власт, тоа би бил погрешен заклучок. Ако детално се разгледаат извештаите од овие институции, ќе се види дека во прашање се доведени основните елементи од секојдневното функционирање на обвинителствата и судовите – од недостиг на хартија за печатење, колоквијално кажано, до чување на архивата на постојните и завршените предмети и кај обвинителствата и кај судовите. Само како пример до каде се стигнати работите, судската власт во годишен извештај наведува дека еден од проблемите со кои се соочуваат е фасадата на зградата на Врховниот суд! А повеќе може да се види од Функционалната анализа на основните судови во РСМ изготвена од Центарот за правни истражувања и анализи од Скопје, особено во делот „Наоди и заклучоци – просторни капацитети и технички капацитети“.
Оттука, добро е што во буџетот за 2022 година се предвидени извесни зголемувања на средствата и за системот на обвинителствата – за 20 отсто и за судската власт – за 6 отсто, но и натаму е во сила констатацијата дека сето тоа е недоволно во однос на потребите.
Во 2021 година државата „инвестирала“ во целиот систем од правосудство (судска власт, јавно обвинителство, државно правобранителство, судски вештачења, Уставен суд….) околу 56,5 милиони евра. И тука зборуваме за доделени средства, а дури напролет 2022, кога ќе бидат готови новите извештаи на судството и обвинителството и другите институции, ќе се види колку од овие доделени средства биле реализирани заклучно со 31.12.2021 година. За 2022 година во севкупниот буџет за правосудството се планирани нешто над 61 милион евра.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар