Офицерскиот дом ја доби оригиналната боја што ја имал кога бил изграден, соопштија од Завод и музеј Битола

Октомври 26, 2020

Во изминатиот период, после отстранувањето на дел од градежното скеле на објектот на Офицерскиот дом, битолчани можеа да посведочат на новиот изглед на овој, навистина импозантен објект.

Меѓутоа реакциите по однос на бојата на фасадата беа различни. Многумина ја паметат белата боја на овој објект, и според тоа сметаа дека оваа боја, била и оригиналната боја на објектот.

Како институција задолжена за вршење на конзерваторскиот надзор и следење на работите на Офицерски, би сакале да Ве информираме за начинот и причината за избор на актуелната боја на фасадата на објектот.

Во долгиот период на опстојување на овој објект, фасадата во повеќе наврати го менувала својот колорит. Така на пр. во последните дваесетина години таа беше бела. Постарите битолчани можеби се сеќаваат на изгледот на Офицерски во седумдесетите години на минатиот век, кога неговата фасада била темно розова, додека пак претходно таа била жолта (окер) и.т.н.

Во насока на дообјаснување и реално прикажување на фактите, би сакале да Ве информираме, дека денешната боја всушност е најстариот, или оригинален слој, кој беше откриен на фасадата на Офицерски, а истиот беше одреден врз основа на конзерваторски истражувања и соодветни хемиски анализи, кои беа реализрани од страна на стручни лица.

Само како пример ќе споменеме дека, и пред дваесетина години, кога се вршеше конзервација на фасадите на објектите кои се наоѓаат на Широк Сокак, по пат на соодветни конзерваторски истражувања и хемиски анализи се одредуваше бојата на секој од поединечните објекти. На тој начин шареноликоста и богатството на бои на фасадите од овие објекти, е всушност продолжение на некогашниот изглед на Широк Сокак.

Се надеваме дека ова соопштение ќе овозможи прецизно информирање на јавноста за причината и изборот на актуелниот изглед на Офицерски, соопштија од Завод и музеј Битола. 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2020 АПЛА.мк. Сите права се задржани