Уредувањето на просторот околу детската градинка „Мајски цвет“, кое беше најавено во есенскиот период, веќе е во завршна фаза. Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес ја посети оваа градинка, каде од страна на директорката Кристина Лајмановска, беше информиран дека, како дел од активностите за обезбедување на поквалитетен престој на најмладите во установата, конечно после многу
години, извршено е оградувување на дворот. На овој начин, создадени се услови за безбедно престојување на најмалите во дворот на градинката и учење низ игра на отворен простор како одличен метод за стекнување на знаења и вештини кај децата во раниот детски развој. Еден дел од дворот е партерно уреден, а наскоро почнуваат и активностите за зазеленување на просторот и подготовка на „Занимална на отворено“ преку која голем дел од програмски активности ќе се реализираат во дворот на градинката. Исто така, ќе бидат поставени различни играчки, справи и реквизити во дворот на оваа, но и во другите градинки кои се во состав на ЈОУДГ „Мајски Цвет“ Битола.
Детската игра е неопходна во развојот на социјалните, емотивните, физичките способности на детето, а игрите и играчките во дворот на градинката ќе им овозможат на децата, континуирано да ги подобруваат концентрацијата и вниманието, да се развива фантазијата, а учењето да биде во средина во која ќе се учи преку искуство, за заштитата на средината, опкружувањето и природата.
За време на денешната посета на градоначалникот Коњановски, децата од оваа детска градинка низ креативни активности го најавија доаѓањето на пролетта, испраќајќи едукативни пораки за грижата и заштитата на животната средина.