2win800x200

МИТИНГАШ-хумореска на Панде Петровски

Април 01, 2023
Автор на карикатурата: Панде Петровски Автор на карикатурата: Панде Петровски

Афоризми

Во нивната иконографија. недостигаше само уште зборот мафија.

Кога други ти ја кројат капата – ќе ти остане гола главата.

Беа како птици селици: зимата живееја в град, а летото во викендици.

 

 

Хумореска

МИТИНГАШ

Митинзите ги следев само на телевизија, но кога видов дека се многу интересни, почнав да одам и на плоштадот, каде што обично и се одржуваа. Таму ем ќе се видам со многу луѓе, ем тие мене ќе ме видат оти некои специјално само за тоа идат, кој иди таму да видат, а што е најважно, бесплатно како на концерт ќе видам и некои од нашите врвни естрадни пејачи и пејачки.

На последниот митинг бев некаде на средината меѓу народните маси. До мене еден стрико бричен недобричен. Додека се витка и крши една пејачка, како малолетничка, наџинџурена со триста дрангулии од праматарите, ме прашува стрикото:

– Ова митинг е или свадба? За демонстрирање идите или за веселење, да кукате, да викате или ќеф да бркате? Ние, внучко, ми вели, кога излегувавме на митинг во наше време, немаше музика. Не стоевме на едно место. Нагоре–надолу одевме по главната и уште по неколку споредни улици. Со факели од конзерва за грашок, со песок и нафта закачени на стап. Како сите носители на олимписки оган на едно место да бевме собрани. Зарипнувавме од викање: Животот го даваме, Трст не го.даваме! Една друга парола не ни звучеше убаво преведена и затоа во оригинал на српски ја извикувавме: Зона „А“ - зона „Б“, биќе наше обадве! Навистина и Трст си го дадовме, и зоните не станаа наши, ама и ние ги зафркнавме, животот не си го дадовме.

Потоа во една невидена еуфорија, на високата бина, со поттрчнување, со потскокнување, како и на сите митинзи се наредија во две-три редици лидери, кандидати без мандати и затоа моравме да го прекиниме муабетот со стрико-то.

Почнаа говорите, еден вели ќе правам вака, друг така, овие биле вакви, оние такви, никакви. Мене ми е познато ваквото сценарио. Истото сто пати се повторува на сите митинзи. Повеќе и не ми се слуша, а не можев салам ни да ги гледам оние горните на бината, а не само заради плакатите и знамињата, туку и дека пред мене се напрче еден недозреан. Ај што ја бојадисал косата со зелен спреј, туку ја истапирал, ја раширил како гнездо некоја страчка на главата да му направила.

Не знам што интересно се кажа на бината, кога во тој момент пукна и една петарда меѓу народот. Душа во нас не остана. Прво помисливме дека е некоја саботажа и сигурно бомба темпирана пукнала. Арно што беше само петарда, оти ако беше бомба и непогодените од страв до еден ќе испопаѓавме. Се сврте назад да види што станало, панкерот од пред мене, со зелено гнездо од страчка на главата и кога се судривме очи в очи дури тогаш, уште поголем шок ме удри. Го гледам комшијата Живко.

– А бре ти си или не си? – го прашувам изненадено. Од ќелавко си се сторил бушавко.

– Јас сум, ама и не сум - ми одговори.

Кога заврши митингот си одиме со комшијата заедно во друштво за дома и си разговараме.

– Што ти значи оваа работа?, му велам.

– А бре комшија, како да ти кажам. Не ли знаеш дека сум стечаец. Не одбирам што ќе работам само да падне некоја паричка. Јас си сум професионален митингаш. Митинзите ми се како хонорарно занимање. Ми плаќаат по една дневница за едно присуство. Како реквизити си имам неколку перики во разни бои и исто толку капи, евтини не многу скапи, ама од разни модели. Ме носат по цела држава со автобус, по градови и села. Некаде ќе падне и по некој сендвич, а никој не ме прашува кој сум што сум. Важно е присутен да сум, да се види дека нивни сум.

 

 

Панде Петровски фото 1

Панде Петровски: Ликовен уметник и педагог, карикатурист и хуморист. Роден е 1939 година под Пелистер, во село Брусник, Битолско. Во 1963 година завршува Педагошка академија (ликовна насока) - Скопје, со студиски престој во Италија. Сликарство учеше од: Павле Павловски, Мамер Сулејманов, Иван Мелников, Менде Ивановски, Пепи Пашанко, Тоде Ивановски, Борислав Траиковски и Вангел Коџоман. Член е на ДЛУБ (Друштво на ликовните уметницина Битола), ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија) и МНД (Македонско научно друштво). Соработува со повеќе весници и списанија, а застапен е и во Антологиите на македонскиот и балканскиот афоризам. Добитник е на наградите: „4 Ноември“ на Општина Битола 1987 година и Специјална награда на 37. Светска галерија на „Остен“ 2009 година.

 

 

По избор на Александар Литовски 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани