Во визба од некогашното турско училиште во Битола, во која има влага, а при врнежи се поплавува, без соодветна дограма и услови за одржување, своите уметнички дела ги чува еден од најголемите битолски уметници - Панде Петровски (83). Фасадата од објектот е неугледна, исчкртана со спрејови, по скалите има ѓубре и искршено стакло. Во просторијата која уметникот се обидува да ја чува беспрекорно чиста се оштетени кутиите со делата поради влагата, пишува факултети.мк
Му треба простор од десет квадрати за да ги заштити делата
- Сѐ уште творам. Но, моментално немам услови каде да ги чувам моите дела. Дома имам шупа и таа е преполна, па другите ги собрав во една визба, но ги фаќа влага. На многу градоначалници им го кажував мојот проблем. Ми треба простор од 10 квадрати, на суво, за да ги сместам сликите да останат неоштетени. Не ми се реши тоа прашање. Веќе не ни барам. Едно уметничко дело е рожба за уметникот. Јас со болка гледам како влагата ми ги фаќа делата и ги пожолтува, тоа со ништо не се коригира, упропастена работа - вели Петровски.
Петровски е ликовен уметник, педагог, карикатурист и хуморист кој завршил Педагошка академија, ликовна насока, во Скопје во 1963 година, кога во Македонија уште не била отворена Ликовната академија. Имал и студиски престој во Италија. Ментор на неговата група бил Вангел Коџоман, академик и еден од основоположниците на македонската современа уметност. Автор е на неколку илјади ликовни дела, имал 40 самостојни изложби, а над 200 групни. Член е на ДЛУМ, еден од основачите на ДЛУБ (Друштвото на ликовни уметници на Битола). Застапен е во антологиите на македонскиот и балканскиот афоризам, автор е на повеќе книги, монографски каталози и е добитник на многу награди за врвни ликовни остварувања.
Го студирав она што најмногу ми лежеше
- Уште кога бев во основно училиште, големиот уметник Тоде Ивановски ме советуваше да продолжам во средно уметничко во Скопје. Но, дома бевме четири деца, а работеше само татко ми. Немав можност да го сторам тоа. Кога ја завршив Учителската школа во Битола, ми дојде покана за војска. Можев да одложам само ако имам потврда дека студирам. И истиот ден отидов во Скопје и си реков дека е најдобро да се запишам на она што најмногу го сакам - ликовната уметност. Се запишав на Педагошката академија, ликовна насока. Уште немаше уметнички факултет во Македонија. Требаше да заминам за Белград, а немав средства за таму - раскажува Петровски.
Во Скопје живеел во изнајмена соба, земал стипендија, понекогаш јадел во студентската менза и подработувал нешто. Студиите му оделе без проблем зашто го учел она во што бил најдобар.
На испитот по вајарство добил повисока оценка од вајарите
Се присетува дека на испитот по вајарство влечеле ливчиња со задачи. Му се паднало да изработи во елипса портрет од античката уметност. Бил гипсен, а Петровски требало да го направи од глина за 4 часа. На испитот дури и студенти на вајарство добиле седумки, а тој осумка. Потежок му бил испитот по пластична анатомија, на кој му се паднало да ја нацрта карлицата гледана одгоре, а тие ја проучувале само од едната страна. Морал да ја црта по сеќавање. Другите предмети му оделе лесно и само еден Србин бил подобар од него во групата.
Тоде Ивановски ми даде крилја да полетам во светот на уметноста
Можеби токму затоа што целиот работен век го поминал во просвета, во раскажувањето за своето образование посебно се осврнува на важноста на учителот во развојот на талентот кај учениците. Еден учител по ликовно му го срушил светот ставајќи му тројка, а друг земајќи ги како пример неговите цртежи, му дал крилја да полета во светот на уметноста.
- Уште во четврто одделение учителката Радмила Димитровска ги носеше моите цртежи во канцеларија за да ме пофали пред другите наставници. Во петто одделение наставникот Менде Ивановски за цртежите ми стави тројка, иако цел клас знаеше дека треба да ми напише најмалку петка. Тоа многу ме погоди. Продолжив да цртам, ама без ентузијазам - раскажува Петровски.
- Кога го видов како фигура, останав занемен. Го викаа Уметникот. Уште на првиот час зеде еден розов лист и кога ги нацрта формите на тема есен, останав без збор. Ние потоа си цртавме, а тој се шеташе меѓу клупите. Кога го виде мојот цртеж, застана. Го зеде листот и уште на првиот час го покажа за пример пред учениците. Како крилја да ми даде, ако не бев во училница, ќе полетав не знам каде. Оттогаш се посветив на цртањето - раскажува Петровски.
- Се сеќавам кога ми го објавија првиот цртеж. Беше недела и отидов на игралиште, луѓето си носеа весници со себе за да седнат. Сите весници ги собрав оти беа со мојот цртеж - вели тој.
Првиот детски цртеж ми беше првата нацртана карикатура
На свои седум-осум години на хартиена кеса од бакалница со јагленче го нацртал татко си, а роднините се пошегувале дека им личел на петел.
- Подоцна сфатив дека тогаш практично сум ја нацртал својата прва карикатура - вели Петровски, кој во текот на кариерата добивал значајни награди и во поранешна Југославија за сатирични цртежи и карикатури. Во детството, од црвена глина, со која мајсторот требало да го обложи горилникот од шпоретот кај него дома, тој си направил играчка авионче.
Годинава навршува 64 години творештво. Негови дела се наоѓаат во Галеријата за современа уметност во Завод и музеј -Битола, во Галеријата на КИЦ Битола, Галерија „Остен“ во Скопје, Родокрајниот музеј на Хомоље во Жагубица, Србија, низ повеќе приватни и државни збирки во Европа, Австралија и во Америка.
Годинава повторно е предложен за наградата „11 Октомври“, а ќе биде и за „4 Ноември“, за животно дело, кои лани не успеал да ги земе за еден глас помалку. Неговиот опус годинава е зголемен со уште еден циклус на цртежи „Мотиви од нашите села“ со над 100 дела. Обожава да работи со различни сликарски техники, а најомилено му е да црта со чкорчиња и туш. Со нив има насликано богата збирка со битолска архитектура. Има идеја од нив да направи мапа која Општина Битола може да им ја подарува на гостите.
Жанета Здравковска
Линк до веста https://www.fakulteti.mk/mobile/