2win800x200

Оаза на плачот-хумореска на Панде Петровски

Мај 26, 2023
Автор: Панде Петровски Автор: Панде Петровски

Афоризми

Секој пораз е болен, без разлика колку е голем.

Грижата на совеста најмногу гризе.

На сиромавиот најчесто му е наследно – да живее бедно.

Хумореска

ОАЗА НА ПЛАЧОТ

Селото беше мало, но многу убаво. Цело село како гнездо бело, како што пееше чичко Ванчо, да му е лесна земјата. Распространето во подножјето на старата планина, колку што ги користецте благодетите од планината, исто толку полза имаше и од малото но плодно поле. Низ селото течеше убава река во која се сливаа неколку помали потоци. Водата служеше за пиење и наводнување, а на времето имало и некоја воденица, подоцна на тоа место една фабрика од градот си изгради свој погон, кој добро работеше додека добро работеше и фабриката, но кога таа пропадна, пропадна и погонот. Најгоре над селото беше којзнае од кога изградена голема црква, а уште погоре во шумата и убав манастир каде што доаѓаа излетници дури не знам од каде и тоа не само во деновите на религиозните празници, или за втори мај, туку и во викендите, да уживаат во природните убавини и историското наследство.

Како и во многу други села и тука поминале разни војски. Страдало селото од пожари, понекогаш и реката ќе надојдеше и некаде ќе поплавеше. Го зафати селото и миграцијата, но сепак добро се живееше, а што е најважно меѓу луѓето имаше слога и доверба иако не беа сите селани или по ново сите граѓани од една иста вероисповест. Заради сето тоа селото беше наречено Оаза на мирот.

Но како што обично се случува оти на луѓето им досадува да се занимаваат само со исти работи, исто да се хранат или облекуваат, почнаа да се променуваат, а дали само заради тоа или имаше и други причини, но уште пред едни избори, не знам дали беа за селски или за градски началник, не е важно, се виде дека влегол некој црв во меѓучовечките и меѓуетничките односи. Ѓаволот ни влегол во селото, предупредуваа едните. Вие сте ѓаволот, велеа другите. Почнаа прво да си ги тепаат кокошките, а потоа и песовите. Му го отепаа на еден дури и волот. На крајот почнаа да се тепаат и меѓусебе.

Затоа што им беше страв од жените да одат да плачат во црквата над село, или во манастирот уште погоре во планината, почнаа да си плачат секоја пред својата авлија.

Случајот стана многу интересен. Се расчу насекаде. Почнаа да идат новинари, сниматели, сеирџии, политичари, помагачи, одмагачи. Од толку странски луѓе, дури и да ти се смачи. Работата место да се смирува, стана уште посериозна. Ловџиите од селото место по зајаци и килибарни лисици да пукаат, оти во мечката која со закон е заштитена не смеат ни да погледнат, а камоли да пукаат па ако ја уплашат да се налути и да се разрика, почнаа да пукаат од своите куќи. Не било тоа лошо пукање, велеа едни, свадба е велеа други, а на свадбата се знае дека треба да се игра, а не да се пука, а особено кога се пие.

Така од играчка стана плачка, па место само жените, почнаа да плачат и децата. Почнаа да плачат и мажите. Пискотници почнаа да се слушаат од сите страни и така некогашното село-весело, или село на мирот како што го нарекуваа, стана село на плачот. А низ плачот и по некоја клетва или молитва, како онаа на едно старче:

- Сега Господ нека ни е напомош.

 

 

Панде Петровски фото 1

Панде Петровски: Ликовен уметник и педагог, карикатурист и хуморист. Роден е 1939 година под Пелистер, во село Брусник, Битолско. Во 1963 година завршува Педагошка академија (ликовна насока) - Скопје, со студиски престој во Италија. Сликарство учеше од: Павле Павловски, Мамер Сулејманов, Иван Мелников, Менде Ивановски, Пепи Пашанко, Тоде Ивановски, Борислав Траиковски и Вангел Коџоман. Член е на ДЛУБ (Друштво на ликовните уметницина Битола), ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија) и МНД (Македонско научно друштво). Соработува со повеќе весници и списанија, а застапен е и во Антологиите на македонскиот и балканскиот афоризам. Добитник е на наградите: „4 Ноември“ на Општина Битола 1987 година и Специјална награда на 37. Светска галерија на „Остен“ 2009 година.

 

По избор на Александар Литовски 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани