Интегрален текст од прес конференцијата на Андреј Стојановски од СДСМ
Во ЗОО градина во Битола се случува катастрофа. Посетители тврдат дека голем број од кафезите се празни, дека во градината има неподнослива смрдеа и дека ова место е претворено во вистинско мачилиште за животните и извор на зарази и трауми за посетителите!
Ја прашуваме директораката Елена Мирчевска:
1. Колку животни во ЗОО градина имаат починато од нејзиното назначување и кои се причините за тоа?
2. Колку нови животни има набавено и дали барем преговара да набави?
3. Дали навремено и по закон се објавени тендерите за набавка на храна за животните?
4. Дали е точно дека постапува спротивно на одлуките на Управниот одбор, на своја рака и во консултација единствено со Коњановски и секретарот Димитровски?
5. Во што ги вложила досега финансиските средства и што ново е направено од кога е назначена за директорка?
6. Дали е вистина дека ЗОО Барот ќе престане да работи од 1 септември, после многу организирани детски родендени и едукативни тури?
Минатиот состав на локалната самоуправа предводена од СДСМ и коалицијата, вложи огромни напори да ја претвори битолската ЗОО градина во едно од најубавите и најомилените места за релаксација и забава на граѓаните, особено на децата. ДПМНЕ и коалицијата и тоа успеаа да го уништат.
Го повикуваме градоначалникот Коњановски, наместо да се рашетава по светот и да глуми дека брка инвеститори, да ја посети ЗОО градина и да преземе итни мерки да запре катастрофата што ја снајде установата.
Ги повикуваме продавачите на магла од Поинаку, на чело со претседателката на Советот, Габриела Илиевска, да излезе од својот кабинет и да дојде во ЗОО градина. Илиевска пред три години бараше да се затвори ЗОО градина во Битола, ама откако ДПМНЕ ја постави за претседателка на Советот, еднаш ја нема посетено градината за да се увери во какви услови живеат и умираат животните сместени тука.
На крај, го повикуваме Министерството за култура да испрати инспекција која ќе утврди како живеат животните сместени во ЗОО градина Битола и како работи директорката Елена Мирчевска.
Заради неспособноста на ДПМНЕ и Поинаку, Битола ќе остане и без ЗОО градина која е единствена во регионот!