2win800x200

РОДИТЕЛСКИ СОСТАНОК - хумореска на Панде Петровски

Мај 08, 2023
Автор: Панде Петровски Автор: Панде Петровски

Афоризми

Си ги продадовме фабриките, ни останаа само маките.

Некои лидери, почна никаде да не ги бери.

И во нашите стратешки објекти, има полно дефекти.

Хумореска

ПОЛИТИЧКА РАБОТА

Времето беше прекрасно и затоа цело друштво решивме вечерта да ја поминиме на терасата на еден голем ресторан. Одбравме маса подалеку од оркестарот, не затоа што не сме мераклии на музика, туку затоа што пејачката ем стара, само да ја слушаш, а да не ја гледаш, туку и ич да не ја слушаш. Повеќе вика отколку што пее. Не ги знае салам старите песни, а сака да ги пее и новите. А ние собрани тука повеќе да си поразговараме, оти ако е за музика сите касетофони и транзистори си имаме. Теми за разговор пак колку да сакаш. Навистина никој не прераскажува некоја книга, никој не кажува како си поминал на некој концерт на класична музика, но сепак муабетите не запираат. Се раскажуваат некои случки од минатото, за спортот, ловот и риболовот, но се разбира врти сучи, сè се врти околу политиката, а кога се зборува за политика, не само што најмногу се вика, туку за тоа нема неуки. Тука сите се прават толку упатени и компетентни, како сите да се во најмала рака доктори по политички науки.

Таков ми се виде и еден пријател, на мојот прв пријател, кој подоцна дојде на нашата маса, а седна спроти мене. Карши - накарши.

- Вчера, вели тој, ме повикаа во штабот за да ме консултираат дали би прифатил една нова повисока функција.

Кога го слушнав тоа, како што ме дал Господ, му велам:

Секој сака во фотелја да седне. но треба да се одберат само вредни.

- Што сакате со ова да кажете? - вџашено ме прашува кандидатот за повисока функција.

- Ке ви објаснам, реков. Ако ја сакате фотелјата оти е удобна и мека, подобро да скокнете во првата река.

- Па јас не можам со вас да разговарам, ми вели консултираниот.

- Но и јас со вас не разговарам, туку само кажувам епиграми, му објаснувам.

- Да, да, вели кандидатот. Како само веднаш не се сетив.

Не поминаа ни пет минути, го гледам идниот функционер како го праишyва пријателот што беа тоа епиграми. Тој не знам како му објасни, но другиот ден, речиси во истото друштво, јас пак кажував некои актуелни афоризми. Едни се смееја, други се киселеа. Едни коментираа вака, други така, а кандидатот за повисока функција вели:

- Јас уште сношти видов дека ова е некоја политичка работа.

 

 

 

Панде Петровски фото 1

Панде Петровски: Ликовен уметник и педагог, карикатурист и хуморист. Роден е 1939 година под Пелистер, во село Брусник, Битолско. Во 1963 година завршува Педагошка академија (ликовна насока) - Скопје, со студиски престој во Италија. Сликарство учеше од: Павле Павловски, Мамер Сулејманов, Иван Мелников, Менде Ивановски, Пепи Пашанко, Тоде Ивановски, Борислав Траиковски и Вангел Коџоман. Член е на ДЛУБ (Друштво на ликовните уметницина Битола), ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија) и МНД (Македонско научно друштво). Соработува со повеќе весници и списанија, а застапен е и во Антологиите на македонскиот и балканскиот афоризам. Добитник е на наградите: „4 Ноември“ на Општина Битола 1987 година и Специјална награда на 37. Светска галерија на „Остен“ 2009 година.

 

по избор на Александар Литовски

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани