АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Интегрален текст од обраќањето на градоначалникот Тони Коњановски
Денес кога на дневен ред е завршната сметка за 2023 повторно обраќањето ќе го започнувам со мојата почит кон Вас, иако од дел од Вас, моето работење не било, соодветно вреднувано. Потврда на тоа се и кварталните извештаи кои не беа усвоени од новото мнозинство во Советот. Следствено на кажаното, очекувам денес да не ја усвоите ниту Завршната сметка за 2023 година, зошто таа всушност претставува сублимат на изнесеното во кварталните извештаи. Знаеме дека, со неусвојувањето на завршната сметка, Советот ќе треба да се распушти и да се распишат нови избори за Совет на општина Битола.
Доколку пак одлучите да ја изгласате завршната сметка за која како СДСМ, Поинаку и останатите коалициони партнери од новото мнозинство, тврдевте дека е резултат на неработење на градоначалникот, тогаш ќе се самонегирате и демантирате. Граѓаните даваат глас и позиција, а сите ние како нивни избраници треба да работиме во интерес на градот, а не за личен интерес. Ве поддржувам во изјавите кои ги слушнавме деновиве дека Советот треба да биде коректор на градоначалникот, но после неусвојувањето на завршната сметка во рок од 60 дена, ќе имаме нов коректор, кој апсолутно ни е потребен и мене и на општинската администрација за функционална општина.
Со оглед на фактот што моето обраќање е пред Вашата дискусија која и овојпат очекувам да бидат насочени кон „оцрнување“ на мојата работа, независно дали ќе се обидете да манипулирате со дел од советниците да гласаат за завршната сметка за да нема нови избори за Совет, морам да Ви посочам дека: Советот мора да работи во интерес на проектите на граѓаните, а тоа значи дека треба да се стават на дневен ред и да се изгласаат предложените точки со цел Битола да добие велосипедски патеки, да се изврши реконструкција на поранешниот ресторан „Парк“, да се изгласаат измените на програмите и да се овозможи непречено работење на јавните претпријатија.
Блокадата на Битола од страна на Советот мора да запре, зошто градот мора да функционира. За да добие Советот шанса да гласа, потребно е прво точките да бидат поставени на дневен ред од страна на Претседателката на Советот. Имајќи предвид дека и покрај доставувањето од општинската администрација, предлог точките не се ставени на дневен ред, сакам да Ве известам дека, ќе поднесам кривична пријава против Претседателката на Советот на општина Битола, заради кршење на Деловникот и непостапување согласно Законот за локална самоуправа.
Почитувани советници, тоа што ќе го оставиме зад нас е резултат на нашата успешност, независно дали сме биле опозиција или носители на локалната самоуправа. Затоа, за досегашната реализација им благодарам на советниците од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата за континуираната поддршка и конструктивност.
Почитувани советници од СДСМ, Поинаку, Левица, ДОМ и ДУИ цврсто стојам зад секоја моја одлука и секој професионално реализиран проект. Со изгласувањето на завршната сметка, ќе ја потврдите вистинитоста на оваа теза, извинувајќи се јавно за сите напади против мене за некакво неработење, или гласајќи против, ќе го браните Вашиот став дека интересот на граѓаните, го ставате пред Вашиот финансиски и личен интерес како советници. Моја должност е да бидам во служба на граѓаните и така ќе продолжам да дејствувам во соработка со овој или некој друг состав на Советот, кој во следната година и половина, ќе биде поддржувач, но и коректив на работата на локалната самоуправа, но нагласувам: согласно Законите и во интерес на граѓаните. Ви благодарам
Објавено од А.Б