Пред почетокот на новата учебна година, продолжуваат инвестициите во средните училишта во Општина Битола. Градоначалникот Тони Коњановски, денес го посети Средното општинско техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“, каде со поддршка од Општина Битола и Министерството за образование и наука реализирани се повеќе инвестиции за подобрување и осовременување на условите за учење и работа, а се
работи и на изработка на нова еколошка термо фасада.
Средствата обезбедени за техничкото училиште во Битола, инвестирани се за комплетно реновирање на работилниците, ходниците во работилницата, во спортската сала, на приземјето и едниот кат, а реновирани се и скалите, како и тоалетите во приземјето.
Покрај овие градежни активности, училиштето е опремено и со нова опрема и мебел, во чии рамки набавени се 10 ЛЦД телевизори со големина на екран од 55 и 65 инчи, 25 персонални компјутери, CNC и други машини, најсовремена опрема, склопови, инструменти и помошен алат за вежби за електро и машинска струка, набавени се 20 училишни бели магнетни табли, 85 училишни клупи, 170 столчиња, изработени се 12 плакари, а набавени се и три инвертер клима уреди.
Изработката на новата еколошка фасада се одвива согласно предвидената динамика, а со ваквото вложување во училиштето, директорката Жанета Сервини, нагласи дека покрај тековното одржување на просториите, се создаваат и нови можности за квалитетно образование на учениците во современо опремени училници и работилници за практична настава.
Градоначалникот Коњановски, потврди дека општината продолжува да биде поддршка за воспитно образовните институции, се со цел заедничко создавање на мотивирачка и пријатна атмосфера во училиштата, во кои учениците го поминуваат најголемиот дел од денот во текот на учебната година.