АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Здружението за македонско-германско пријателство и соработка од Битола денеска со креативна работилница намената за ученици го одбележа Европскиот ден на јазиците , којшто од 2001 година по предлог на Советот на Европа го слават 47 земји членки. Денешната работилница што се одржа во Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ го поттикна интересот кај учениците за изучување на што е можно повеќе јазици зашто на тој начин светот станува заеднички без јазички бариери. На штандови наставници по англиски, германски и француски јазик им презентираа на ученици од ОУ „Гоце Делчев“-Битола како на наједноствен начин се изучува странскиот јазик.
Наставниците- презентери беа од повеќе училишта од општините Битола и Могила. На штандовите на учениците им се овозможи преку интеракција да ги поврзат знаењата на англискиот јазик со францускиот и германскиот јазик. Поврзување на слика со збор, а најмногу имаше поврзување со интернационализмите. Ова беше далеку од класична работилница, туку современа на која преку игра и поттикнување на имагинацијата се совладуваа странските зборови.
„Имаме уникатни идеи, затоа што планираме активности кои сами ги осмислуваме и целта на овој ден ни е да се покаже колку е важно да се владеат странските јазици, зошто тие ни отвораат нови врати, нови видици и можности. Со зборувањето на еден странски јазик се запознаваме со културата на таа земја, а со тоа стануваме свесни и за сопствената култура. Поентата на Советот на Европа е мултилигвализмот и согледување на разноликоста во јазиците и во културите“, рече д-р Валентина Илиева, претседател на „Здружение за македонско-германско пријателство и соработка“, воедно Почесен конзул на Република Австрија во Битола и универзитетски професор.
Илиевска смета дека Денот на европските јазици треба да се слави не само во библиотеките , туку и во сите училишта, затоа што со разбирањето на еден странски јазик секој човек може да се унапредува научно, професионално и општо во животот.
„Дури и како турист да патувате во друга земја колку е убаво да го знаете јазикот на таа земја“, потенцираше Илиевска.
Таа изрази благодарност до ОУ „Гоце Делчев“ за соработката што ја прифати понудата за реализирање на работилницата.
„Секое дете на работилницата доби белегзија со пораката од Советот на Европа во Стразбур ‘Зборувај со мене’ напишана на англиски, германски, француски, грчки јазик и други јазици. Исто така од самата работилница учениците решивме да понесат јазичен пасош. Прво на македонски јазик си ги пишуваат своите лични податоци, а потоа кога ќе ги апсолвираат сите вежби на јазиците , добиваат потпис и печат од наставниците. И тоа е нашата порака дека сите јазици се важни, а се надеваме дека за скоро и нашиот македонски јазик ќе биде дел од јазиците на Европската Унија“, потенцираше Илиева .
ОУ „Гоце Делчев“ се приклучи во работилницата за одбележување на европските јазици. Во ова училиште се изучуваат англискиот како прв странски јазик и францискиот или германскиот како втор странски јазик.
„Учествуваат ученици од петто и шесто одделение, активно соработуваат меѓу себе и се надевам дека убавите впечатоци ќе ги пренесат на своите другарчиња. Ова не е наша прва заедничка активност, долго соработуваме со Здружението за македонско-германско пријателство и соработка, а исто така и со Библиотеката. Се надеваме на нови активности за скоро“, рече директорката на ОУ „Гоце Делчев“ –Битола, Билјана Стојковска.