
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Обвинетиот Пеце Матевски, екс директор на РЕК„Битола“ на вчерашното сведочење во Основниот суд во Битола рече -„не се осеќам ни трошка виновен“ затоа што јавната набавка била спороведена по закон и критериумите на АД ЕСМ за ископ на јаловина во 2022 година со фирмата „РУД КОП“ Битола.
„Јас како директор на подружница РЕК „Битола“ морам да ги спроведувам наредбите од Управниот и Надзорниот одбор, нигде нема повреда на планот за јавни набавки“, рече Матевски во своја одбрана.
Судскиот процес го води судијата Горан Димовски, а обвинението го застапува Оливера Нечаковска.
Судењето е околу постапката на РЕК „Битола“ во 2022 година да ја избере фирмата „РУД КОП“ Битола, а да ја елиминира „Гранит“ Скопје за ископ на јаловина. „РУД КОП“ Битола го доби тендерот за цена од 2595 денари за м3, додека „Гранит“ Скопје имал првична понуда од 2040 денари за м3. По предлог на ОЈО Битола за овој случај на „РУД КОП“ Битола му се замрзнати 3,5 милиони евра, пари кои се префрлени на сметката на „РУД КОП“ по основ на извршените услуги од тендерот, а пресметани од разликата во цените, доколку „Гранит“ Скопје би го добил тендерот за ископаните количини.
Според обвинението, износот на средства од 708.000.000 денари со ДДВ, определен во Одлуката за јавна набавка од јули 2022 година со фирмата „РУД КОП“ не е доволен за ископ на бараните 2.400.000 м3 јаловина. Па, Матевски на 21.9.2023 година склучил и Анекс бр.1 кон Договор од 3.10.2022 година со кој вредноста на јавната набавка е зголемена за дополнителни 20%, односно дополнителни 141.600.000 денари со ДДВ со што е овозможено „РУД КОП“-Битола да изврши ископ и на дополнителни 378.538 м3 јаловина надвор од предметот на спроведената јавна набавка (за што е исплатен паричен износ од дополнителни 138.231.236 денари).
Матевски запрашан од својот бранител околу јавната набавка со битолската фирма „РУД КОП“ која копаше јаловина во РЕК Битола во 2022 година, рече дека набавката била неопходна за да се обезбеди електрична енергија во време на корона кризата кога пазарот бил нестабилен и додаде дека набавката била одобрена и од тогашната влада на СДСМ.
„Секоја јавна набавка мора да биде впишана во годишниот план за јавни набавки каде што покрај планот за јавни набавки треба да биде во сооднос со планот за производство на електрична енергија. Најпрво оваа јавна набавка е одобрена од Сектор производство, па одобрена од Управниот и Надзорниот одбор, така за оваа јавна набавка се обезбедени средства за реализација. Текот на оваа јавна набавка е поврзана со планот на производство затоа што на крајот ние како комбинат треба да испорачаме мегавати, односно да призведеме електрична енергија“, рече Матевски на сведочењето.
Во врска со анексот на јавната набавка, Матевски на прашање на бранителот рече дека се било сработено по Законот за јавни набавки. Во конкретниот случај, согласно времените ситуации за извршен ископ и исплатени средства на „РУД КОП“ износот на средства бил потрошен пред склучување на Анексот кон Договорат за јавна набавка.
„Бевме во енергетска криза каде што се бараше енергија плус, еден мегават час стигна до 800 евра, анексот е за обезбедување стабилно производство и повеќе енергија и е во рамките од 20 проценти“, се правдаше Матевски.
Во распитот на обвинителката Оливера Нечаковска поврзано со анексот на договорот, Матевски рече дека Сектор производство го побарал склучувањето на анексот, а кога обвинтелката го праша дали и тој е потпишан на барањето за пренамена на средства и склучување на анекс од септември 2023 година, до Сектор за комерцијални работи, обвинетиот Матевски рече да го видам документот – „да потпишан сум“, рече потоа Матевски.
Всушност на прашање на ОЈО, Матевски потврди дека бил потпишан на документите од јавната набавка и дека бил запознат и се согласувал со се’ што имале направено неговите вработени во набавката. Прашањата на обвинителката се фокусираа на причините за склучување на анексот и времето кога обвинтетиот дознал за тие причини, Матевски кажа дека при следењето на спроведувањето на јавната набавка било увидено дека треба да се зголеми вредноста на договорот заради обезбедување на стабилно снабдување со електрична енергија
„Секој договор се следи, по реакцијата на директорите на ПЕ Рудници, како што го пратат договорот така ме информираа дека е нужно да се склучи анекс. Тоа значи за да имаме стабилно производство дека треба да се побараат и додатни 20 посто“, рече Матевски и потоа додаде –„немаме количини - имаме вредност“.
Покрај Матевски обвинети од РЕК Битола се: Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски, Тони Ангелевски членови на Стручната комисија. Снежана Макаријоска, Анита Кузевска и Љупчо Стефановски членови на Комисијата за јавни набавки. Со обвинението се опфатени и Александра Маџевска- Сараќинчева, Аземина Учкан и Добрила Јордановска сите три од Бирото за јавни набавки во Скопје.
РЕК „Битола“ во 2022 година ја избира фирмата „РУД КОП“ Битола, а ја елиминира „Гранит“ Скопје за ископ на јаловина.
Сведочеше обвинетиот Тони Ангелевски член на стручната комисија, вработен во РЕК „Битола“. Запрашан од бранителот дали за работата на техничката комисија постоеле некои правила или правилници, упатаства, обвинетиот кажа дека нема посебни правила, нема упатство или утврден начин на работа, членовите не работеле на состаноци, туку поединечно по неутврден редослед.
Запрашан дали како член на Техничката комисија бил запознат дека во тендерската постапка имало жалба од некој од операторите, Ангелевски кажа дека не бил запознат до моментот на покренување на истрагата за овој случај.
На прашањето на ОЈО – „Гранит“ се исфрла иако има доставено документ за извршени услуги за ископ на минимум 4 милиони кубни метри јаловински маси, кумулативно за последните 3 години, сметате дека понудата е неприфатлива затоа што работите на автопатот Кичево-Охрид не се се уште завршени? Дали така стои во стручното мислење? Ангелевски потврди.
Обвинетиот Димитар Петковски исто така член на стручната комисија, на прашање на бранителот околу исфрлањето на „Гранит“ Скопје од тендерот, рече – „Со самото тоа што во потврдата доставена од економскиот оператор стои дека работите се во тек не се извршени...со самото тоа го исполнува условот да биде елиминиран од понатамошно учество во постапката“, рече Петковски, дополнувајќи дека на двете потврдите од „Синохидро“ се наведува дека земјените работи се уште се во тек по кажување на „Гранит“ Скопје.
Прашан од ОЈО дали ги видел самите потврди кои се доказ за извршен ископ, а беа поднесени од „Гранит“ Скопје, обвинетиот изјави дека ги видел и дека во нив никаде не пишувало дека „работите се во тек“, но бидејќи во листата стоел терминот „работи во тек“, сепак го исфрлиле „Гранит“ Скопје.
„На самите потврди не стои дека ‘работите се во тек’, но во листата каде ‘Гранит’ Скопје ја пополнува самиот и ја потпишува стои почеток 2014 и нема крај“, рече Петковски.
Запрашан од обвинителката дали е можно тие зборови „во тек“ да се однесуваат на фактот што автопатот Кичево-Охрид се уште не е завршен, а не на фактот дека количините наведени во потврдите не се ископани? Приговараше бранителот и судијата одлучи прашањето да не се одговори.
Запрашан од бранителот за Анексот на договорот за ископ на јаловина, Димитар Петковски кажа - „При самото следење на договорот се воочи дека предвидените 2.400.000 м3 јаловина предвидени по проектна документација не стигнуваме да ги отстраниме и да ги ископиме, бидејќи е постигната цена само која е намалена, пристапивме кон зголемување на вредноста со цел да се заврши една целина која што била предвидена при реализацијата на овој дел... Ние како рудници доставуваме барање, а одлуката ја носи Управниот и Надзорниот одбор на АД ЕСМ“, рече обвинетиот.
На прашање на обвинителката дополни дека -„Не само поради цената, туку и поради тоа што количините се ориентациони и при изготвувањето на месечните извештаи...увидовме дека со истекувањето на средствата од овој договор ќе ни останат нестабилни површини кои во зима може да предизвикаат хаварии...“, рече Петковски.
Кога обвинителката го праша Петковски, дали ова што го кажува претходно, (како образложение за потпишување на анексот) им било познато пред распишувањето на јавната набавка, обвинетиот кажа-
„Не, не може да ни биде познато, бидејќи во текот на ископот не знаеме со што ќе се соочиме“, рече Петковски.
Малку подоцна на ново објаснување и прашање од ОЈО, обвинетиот кажа дека –„истото се работи и на основниот и на анексот, истата работа.“
На прашање на обвинителката дали обвинетиот знае колку кубни метри јаловина се ископани од страна на фирмата „РУД КОП“ врз основа на овој договор, обвинетиот кажа околу 2.700.000 м3 јаловина.
Анета Блажевска
