
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Од 24 до 27 јуни, Битола ќе го слави јубилејното, 25-то издание на фестивалот Битола Отворен Град, една од најдолговечните и најпрепознатливи платформи за современа музика, младинска култура, уметност и граѓански активизам во Македонија.
Во текот на изминатите 25 години, фестивалот прерасна од локална иницијатива во важен културен простор низ кој поминаа генерации музичари, уметници, активисти, волонтери и млади луѓе. Неговото значење одамна ги надмина рамките на класичен фестивалски настан и стана дел од културниот идентитет на градот.
“Некои градови имаат фестивал. Овој фестивал има град.” - истакнуваат организаторите преку своите социјални медиуми. И додаваат… Град како сцена. Улици како културна институција. Музика како причина луѓето да се сретнат. А 25 години фестивалска историја како приказна што ги поврзува различните генерации битолчани.
Годинашното издание ќе се реализира на повеќе локации низ градот, следејќи ја идејата по која фестивалот е препознатлив уште од своето основање културата да биде видлива, достапна и присутна во секојдневниот живот на градот. Целосната програма на јубилејното издание ќе биде претставена на официјална прес-конференција во пресрет на фестивалот. Сите настани се бесплатни и отворени за публика.
По 25 години, Битола Отворен Град продолжува да ја негува истата идеја со која започна отворен град, отворена култура и простор за нови генерации. Битола Отворен Град 2026 ќе се одржи од 24 до 27 јуни на повеќе сцени низ Битола.
Организатор на фестивалот е Младински културен центар-Битола (МКЦ-Битола) со поддршка на Општина Битола во рамките на Годишната програма за култура и од партнерите и поддржувачите од бизнис секторот.
