АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Веќе не мора да патувате, да се ограничувате со термини и класично да го изучувате германскиот јазик. Преку училиштето за германски јазик „Делфин“ од Битола , кое опстојува 13 година, можете да го совладате јазикот он- лајн, односно по електронски пат. Ова е прво училиште во земјава кое нуди ваков метод на изучување преку платформата за електронско учење МУДЛ, која пак е многу проширена во европските земји за изучување на било кој наставен предмет. Овозможува курсистите да го изучуваат јазикот и од дома, што предизвика голем интерес не само кај битолчани и другите граѓани во Македонија, туку и кај нашите иселеници во Австрија, Германија и Швајцарија да станат курсисти во „Делфин“.
„Училницата е опремена со компјутери. На професорскиот компјутер е инсталиран софтвер Net support school со кој се надгледуваат сите компјутери на курсистите. По потреба може професорот да го прикажува својот монитор кон сите десет компјутери или одреден ученички монитор кон другите ученици. Истиот софтевер служи за предавање, контрола на учениците, им помага, го врши општиот дел од наставата. Ученикот кога се служи со овј тип на учење ја отвора страната оnlajn.delfin.com.mk, се логира и со тоа влегува во курсот и таму пишува, слуша, чита, говори, прави вежби, повторува. Ги има сите елементи што се потребни при изучување на германскиот јазик и тоа, разбирање при читање и слушање, говорење, пишување, прави тестови, повторува “, вели д-р Николче Шулевски од Училиштето за германски јазик „Делфин“.
Доколку пак, лицата се приклучуваат од дома потребен им е компјутер, слушалки и интернет врска. Поврзувањето со училицата го прават со конференцискиот сервис zoom влегуваaт преку специјален линк, се поврзуваaт со наставникот, а може и со групата преку специјална аудио опрема со која располага училиштето. Така изучувачите однадвор имаат директна комуникација не само со наставникот туку и со учесниците во училницата како да се на час.
Ваквиот новитет во наставата ги привлече и македонските иселеници во Германија, Австрија и Швајцарија, како и оние кои имаат план да заминат во странство.
„Тие сега имаат можност од својот дом удобно преку својот компјутер или лаптоп да го изучваат германскиот јазик преку нашата школа. Тоа им е многу поповолно зашто ги изучуваат почетните степени со говорител на нивниот мајчин јазик со цел да ги совладаат основите на германскиот јазик што поквалитетно. Имаме такви слушатели голем број. Курсистите се кај нас од шестто одделение нагоре зашто платформата не е детска. Нудиме три типови на курсеви редовни во училница кои траат девет месеци, полуинтензивни курсеви односно забрзани и интензивни групни или поединечни. Токму нашите иселеници во Геманија, Австрија и Швајцарија ги користат тие интензивни курсеви“, додава Шулевски.
Идејата за електронско изучување на германскиот јазик, Шулевски ја доби врз база на истражувањето што го работел за докторска дизертација која ја одбрани во октомври годинава на тема „Усвојување на германскиот јазик како странски јазик со помош на платформата МУДЛ и другите софтвери“.
„ Од 2014 до 2016 година беше спроведено истражување во Битола во Економското училиште ‘Јане Сандански’, студентите од Бизнис академија ‘Смилевски’ и во приватното училиште ‘Делфин’. Покажа дека овој тип на учење е многу поинтересен, дека има многу позитивни страни, поатрактивен е за слушателите. Интересот кај учениците е поголем за овој тип на учење и се добиваат повисоки резултати“, вели Шулевски.
Засега Македонија е релативно мал корисник на електронско учење. Назадува зад европските земји, но и зад земјите од регионот, како Србија, Хрватска и Совенија каде се почесто се користи платформата МУДЛ. Македонија е на последно ниво во регионот со само 37 регистрирани МУДЛ платформи.
Инаку интересот за учење германскиот јазик во Битола, па и во Македонија расте, а особено со иселеничкиот бран. Кога некој се приклучува кон брачен другар од германска страна потребно е познавање на јазикот на минималното ниво А1. За запишување на факултет потребно е повисок степен Б2, а некаде и Ц1. За вообичаена комуникација доволни се и средни познавања на јазикот, осносно Б1 ниво.