АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Со презентација на проекти подготвени на германски јазик, 111 ученици од битолски училишта предводени од нивните професори го прославија 22 роденден на Здружението за македонско-германско пријателство и соработка од Битола. Малата сала во Центарот за култура беше преполна од ученици кои учествуваа во манифестација и други гости кои дојдоа да ја проследат програмата. Учениците на сцената покажаа солидно говорење, читање и разбирање на германскиот јазик како да им е мајчин, што пак беше резултат на нивното интересирање за него и заеднички вложениот труд со нивните професори.
На сцена со проекти настапија ученици од основните училишта „Тодор Ангелевски“, „Коле Канински“, „Гоце Делчев“, средното економско училиште „Јане Сандански“, гимназијата „Јосип Броз Тито“ и едно приватно училиште.
„Учениците заедно со професорите подготвија презентации, драматизации, литературно читање за најважни личности од германско јазичкото говорно подрачје од областа на политиката, книжевноста и уметноста и тоа: Хелмуд Шмид, Густав Климт, Петар Росегер, Хан Шол и Франк Ведекинд, а по повод 100 години од нивното раѓање или смртта. 111 ученици говорејќи на македонски и германски јазик ги презентираа животите на тие важни личности, нивните дела, среќни сме што десет професорки по германски јазик од нашата општина се одзваа на нашата покана и работат со овие ученици“, рече д-р Валентина Илиева од Здружението за македонско-германско пријателство и соработка, водено и почесен конзул на Австрија во Македонија.
Манифестацијата беше само уште една потврда дека интересот за изучување на германски јазик во Битола, а со тоа и во училиштата расте од година во година.
„Задоволни сме што и професорите по германски јазик активно работат, се трудат наставата да биде доста модерна и атрактивна и моментално имаме состојба каде во сите основни училишта во Битола се изучува германскиот јазик, што е навистина голема гордост за нас како Здружение зашто се трудевме преку различни активности и манифестации да ги заинтересираме сите ученици кои сакаат да го изучуваат овој јазик“, додаде Илиева.