АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Учениците од СОУ „Таки Даскало“ од Битола, заедно со своите ментори, предновогодишно подготвија настан насловен „Queen - музички спектакл со хумана мисија и љубов кон уметноста“. Познатите хитови на легендарната музичка група Queen беа интерпретирани од ученици на ова средно училиште под ментортсто на професорот по музичко образование Христијан Петковиќ. Во духот на новогодишната атмосфера, овој настан имаше хуманитарен карактер, а учениците од Еко клубот при СОУ „Таки Даскало“ - Битола, под раководство и организација на професорката Драгица Здравковска, реализираа хуманитарна акција за детски играчки и материјални средства кои беа донирани во Заводот за рехабилитација на слух и говор во Битола.
Публиката имаше прилика да ги слушне познатите хитови во интерпретација на ученичките Ана Марија Поповска, Андреа Јадровска, Елена Димитриова, Јулијана Милошевска, Ана Јаневска, Мила Мартинез, Ангела Лавровска и Мартина Најдовска, придружувани од учениците Борјана Видановска на гитара и Мартин Ѓорѓиевски на кахон.
-Учениците заедно со своите ментори покажаа што значи да се работи со љубов, со посветеност и да се вложи огромен труд за да се успее. Сето ова, преку музика и уметнички дела, како и графички изработки и креации создаде атмосфера и посебен амбиент во училишната спортска сала. „Queen“ е рок група од 80-те години чија палета од разновидности во музиката до ден денес буди интерес. Особено рок-легендата на бендот Фреди Меркјури, остави зад себе белег и во поглед на музиката и во поглед на разбирање и прифаќање на различностите. Затоа со право може да се каже дека преку уметноста сите се разбираме, без оглед на нашата култура, национална, етничка или полова припадност, велат од СОУ „Таки Даскало“-Битола.
Настанот беше збогатен со ликовнa изложба подготвена од ученици од I и II година гимназиско образование и I година од сообраќајна струка под менторство на професорката по ликовно образование Љубица Мешкова-Солак.
Учениците од I, II и III година од графичката струка учествуваа со свои графички изработки под менторство на професорките Весна Мундишевска-Вељановска и Снежана Паскова.
Свој придонес на настанот дадоа и учениците од текстилната струка под менторство на професорот Драган Николовски.
Свој придонес даде и ди-џеј Љубиша, кој беше ученик во СОУ „Таки Даскало“ кој беше задолжен за музичката техничка поддршка, но и за предновогодишната средношколска забава која следуваше во продолжение.
Во техничка поддршка на настанот зеде учество и ученикот Акан Адемовски кој го фотографираше и снимаше целиот настан од што ќе произлезе и видео запис, а во целокпната реализација на настанот беа вклучени голем број ученици.
-Ваквите настани во нашето училиште, покрај образовно – културна и хумана мисија, добиваат поинаква димензија, која е во согласност со образованието во 21 век, и во која во прв ред се истакнуваат работните навики, дисциплината и посветеноста на младите луѓе, кои особини е важно да се истакнат токму во овие години на нивното образование. Во оваа смисла професорите застануваат зад своите ученици како ментори кои ги насочуваат и поттикнуваат своите ученици да создаваат самостојно и одговорно, посочуваат од училиштето
Настанот се одржа со поддршка на директорката на СОУ „Таки Даскало“-Битола, Елизабета Наумовска, претседателката на Управен одбор на училиштето, Татјана Црнец, Општина – Битола и Народен театар – Битола.