АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во општина Могила во вториот изборен круг силите ќе ги одмерат Јасмина Гулевска од коалицијата на СДСМ која претходно освои 1313 гласови или 35,31 проценти и Стевче Пивковски, независен кандидат позади кој застана и ВМРО-ДПМНЕ со освоени 1415 гласови или 38,06 приценти во првиот круг. Разликата меѓу Пивковски и Гулевска е мала и со состои од 102 гласови.
Идниот градоначалник на Могила ќе зависи од тоа дали на гласање ќе излезат неопределените кои не гласаа во првиот круг . Но, најмногу од од тоа за кого ќе гласаат дел од осумстотините гласачи кои во првиот круг го поддржаа Зоранчо Сакурмовски од Народно движење за Македонија. Ова се претежно членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ од овој крај кои беа назадоволни што партијата одлучи да застанае позади кандидатурата на Пивковски, па гласаа за Сакурмовски.
Пивковски до последно тврдеше дека независно ќе се кандидира за втор мандат, а генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ , Христијан Мицкоски, во јавноста соопшти дека тој ќе биде нивен кандидат. Пивковски се појави на митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Битола. Не само што стоеше зад Груевски и Владимир Талески туку и им аплаудираше на говорниците на бината.
По одлуката на партијата да застане зад Пивковски, во општинскиот комитет во Могила настанаа многу превирања. Една недела пред првиот круг од изборите добивме телефонски повик од жител во општината кој тврдеше дека во партискиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ има викотници. Кога се појавивме на терен пред штабот се имаше насобрано народ. Меѓу нив и поранешниот градоначалник на Могила од редовите на ВМРО- ДПМНЕ, Славко Велевски. Тој негираше дека имало расправија велејќи дека не сака да дава изјава зашто ваквите работи се решавале внатре во партијата. Други членови ни рекоа дека нормално е на вакви состаноци да има излив на енергија. Прозорското стакло на една од вратите беше лепено, но не успеавме да дознаеме кога било скршено.
Битката околу кандидатот продолжи и на фејсбук. Наспроти тоа што Мицкоски го најави Пивковски како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и што тој на митингот во Битола стоеше зад Груевски, на фејсбук профилот на штабот од Могила пишуваше дека нивен кандидат е Зоранче Сакурмовски, директор на јавното комунално претпријатие во општината. Сега кога тој испадна од трката, останува отворено прашањето дали неговите поддржувачи ќе излезат на гласање, дали својот глас ќе го дадат за него после сите превирања или пак за противкандидатот Гулевска.
Инаку, Пивковски порано беше член на ВМРО-ДПМНЕ, но откако партијата на минатите локални избори се одлучи да го кандидира за нов мандат стариот градоначалник Велевски, Пивковски излезе како независен кандидат. Така, ја доби поддршката на могилчани и победи на минатите избори.
Во Советот на Општина Могила ќе биде неизвесно. ВМРО-ДПМНЕ има три советници, СДСМ четири, па идното мнозинство ќе зависи од тоа со кого ќе коалицираат советниците од Народното движење за Македонија (1) и од граѓанските иницијативи на Николче Српчански (2) и Борче Бучински (1).