АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Австриската амбасадорка во Македонија, Ренате Коблер, во придружба на австриската почесна конзулка Валентина Илиева, донираше книги во Австриската библиотека во Битола.
Книгите со кои ќе се збогати библиотечниот фонд на Австриската библиотека се состојат од литература на австриски писатели, германско јазични писатели, методски прирачници за наставници по германски јазик, учебници и работни тетратки во издание на Австрискиот фонд за интеграција, лексикони за австриската книжевност и стручна литература од областа на информатиката по барање на Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола (ФИКТ).
„Веќе ни премина во традиција, на моите претходници, а и јас сум тука две и пол години, па секоја година предаваме донации на книги во библиотеката. Во годинешната испорака на библиотечниот фонд акцентот е ставен на Факултетот за информатички и комуникациски технологии. По барање на овој факултет испратена е стручна литература во Австриската библиотека“, рече амбасадорката Ренете Коблер.
Австриската библиотека е сместена во битолската Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ и располага со богат библиотечен фонд на книги од германското јазично подрачје.
„Австриската библиотека е добро сместена во битолската Универзитетска библиотека и добро се служи и користи од нашите читатели. Таа постои од 2001 година и не е само библиотека туку е културен центар во кој што има низа манифесатции, меѓу кои семинар за професори по германски јазик, литературни читања каде што каниме австриски писатели, концерти, изложби. Тоа го организира Австриската библиотека и Австрискиот почесен конзулат во Битола за да биде поприсутна австриската култура и германскиот јазик во Битола“, рече почесната конзулка Илиева.
Директорката на битолската библиотека Јелена Петровска изрази надеж дека и во иднина соработката со конзулката ќе продолжи да биде плодна, па се договараат промоции на нови книги и наслови од австриското и германското јазично подрачје.
Ученици од ОУ „Елпида Караманди“ од Битола кои го изучуваат германскиот јазик под раководтство на професорката Билјана Митковска при оваа посета на амбасадорката го презентираат проектот „Читање и преведување на дела од литература за деца и млади - романот ‘Katzenmusik’ од Ренате Велш“. Овој проект беше еден од оние со кои Австриската библиотека, НУУБ „Св. Климент Охридски“ и Почесниот австриски конзулат во Битола го одбележаа фестивалот „Австрија чита 2018“, а истиот се организира секоја година во Република Австрија и во сите Австриски библиотеки ширум светот.
Учениците на германски јазик претставија биографски податоци од Ренате Велш, австриска писателка за деца и млади, која ќе гостува во Битола во март 2018 година.