АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На денешен 22 јуни во 1943 година, во село Лавци, Битолско е убиен Панде Јовчевски-Кајзеро, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.
Роден бил во селото Лавци на 15 јули 1923 г. Потекнувал од земјоделска фамилија, а и самиот бил земјоделец. Прогресивното комунистичко движење што го имало опфатено селото Лавци, не го заобиколило и него.
Од самиот почеток на антиокупаторската борба активно ја помагал. Веќе на 25 ноември 1942 г., се приклучил кон единиците на НОВ и ПОМ. Најнапред бил во партизанскиот одред „Даме Груев“, а подоцна и во одредот „Јане Сандански“.
На 22 јуни 1943 г., кога селото Лавци било опколено од бугарска војска и полиција, тој заедно со Панде Ташкоски, тргнале да се вратат во партизанскиот одред, но наишле на бугарска заседа која ги раздвоила. Панде Ташкоски успеал да се пробие, а Панде Кајзеро отпочнал нерамна борба со непријателот.
Успеал да ликвидира 13 или 14 бугарски полицајци и војници. Откако му завршила муницијата, со последната бомба се самоубил.
Подготвил: д-р Александар Литовски, историчар