На 4 ЈАНУАРИ во 1910 година во село Лавци, Битолско, е роден Тодор АНГЕЛОВСКИ-Строгов, Тошо Даскалот, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.
Основно образование завршил во родното село и Битола, а Учителската школа во Прилеп ја завршил во 1929 г. Потоа работел како учител, бил меѓу најистакнатите прогресивни дејци во Битолско и уште во периодот меѓу двете светски војни станал член на КПЈ.
По бугарската окупација бил еден од главните организатори на т.н. Илинденска демонстрација во 1941 г. во Битола. Заедно со Стив Наумов и Трајан Белев, во 1942 г. бил најзаслужен и најангажиран при формирањето на Битолскиот партизански одред "Пелистер", на Битолско-преспанскиот партизански одред "Дамјан Груев" и на Партизанскиот одред "Јане Сандански".
Бугарскиот фашистички суд во јули 1942 г. во отсуство го осудил на смртна казна. Во втората половина на март 1943 г. бил поставен за командант на реорганизираниот и бројчано зголемен Партизански одред "Дамјан Груев". Од мај 1943 бил поставен за командант на Втората оперативна зона.
Откако бил предаден, бугарската војска и полиција го блокирала неговото родно село и тој на 23 јуни 1943 г. за да не биде заробен се самоубил.